Газа ризикува да се лизне кон смртоносна неизвесност каде што номинално е на сила прекин на огнот, но убиствата продолжуваат, предупреди висок катарски дипломат, повикувајќи на брз напредок во воспоставувањето на меѓународните безбедносни сили и администрација за да се отвори патот за целосно повлекување на Израел.
„Не сакаме да дојдеме до ситуација без војна, без мир“, рече Маџед ал-Ансари, советник на премиерот на Катар и портпарол на Министерството за надворешни работи, објави Гардијан.
Во вторник, израелските воздушни напади убија повеќе од 100 Палестинци, од кои најмалку 66 жени и деца, во најсмртоносниот ден откако Доналд Трамп прогласи дека војната е завршена. Израел соопшти дека бомбардирањата биле одговор на нападот во градот Рафа во кој загина војник кој извршувал демолирања таму.
Спогодбата за прекин на огнот бараше меѓународна сила да ја обезбеди Газа, намалувајќи го ризикот од разгорување на насилството на краток рок и отворајќи го патот за демилитаризација на Хамас и целосно повлекување на израелските сили, кои сè уште окупираат повеќе од половина од Газа.
Утврдувањето на условите за меѓународните мисии е сложен дипломатски процес што вообичаено трае со недели или месеци, време што Газа можеби нема да може да си го дозволи. Примирјето е под секојдневен притисок, при што двете страни разменуваат обвинувања за прекршувања, пишува Гардијан.
„Постојат многу предизвици пред да можеме да се откажеме од првата фаза [од договорот]“, рече Ансари. „Вклучувајќи ја тешкотијата за ископување на останките на убиените [заложници] и утврдување на нивниот идентитет, како и прекршувањата што резултираат со смрт на Палестинци секој ден од рацете на војниците на ИДФ.“
Телата на 11 заложници се уште се во Газа, откако останките на Амирам Купер и Сахар Барух беа вратени во четврток.
Д. Т.











 
			
 

 
 
 
 
