Дончо Герасимовски во разговор со ЦИВИЛ Медиа вели дека во 2019 година прашањето за пописот на населението било едно од поактуелните прашања, но дека сепак се одложува и покрај тоа што во Македонија не е спроведен веќе 17 години.
„Очекувањата беа дека сите формалности околу неговите подготовки ќе се завршат, но, за жал можеме да констатираме дека и покрај големите желби не се оствари очекувањето дека во текот на годината како прво ќе се донесе Закон за попис. Од друга страна закажувајќи ги предвремените парламентарни избори за 12 април 2020 година, се одлага и севкупната акција за спроведување на пописи во 2020 година. Тоа е за земјата навистина малку непријатно и невкусно, од аспект дека земјата не владее со одредени показатели кои се добиваат исклучиво само од попис на населението и кои се многу важни и суштствени за повеќе сфери“, вели Герасимовски.
Герасимовски вели дека во однос на подготовките за пописот на населението исклучително е важно и прашањето дека и самите активности околу подготовките и доставувањето на новиот Нацрт-закон до јавноста или надлежните институции не беа остварени со одредена динамика.
„Очекувањата за мене лично во одредени сегменти не се постигнати, особено за пописот“, вели тој.
„Препораките и сугестиите за 2020 година се да бидеме успешни, бидејќи нашите интенции се многу познати во однос на креирањето на нашите политики кон институциите на системот, надвор кон НАТО и ЕУ, кои ги бараат сите овие обврски брзо реализирани и исполнување на условите, комуникација со граѓаните и едно општество за сите“, додава Герасимовски.
Според Герасимовски, како најуспешни моменти од 2019 година ги издвои залагањата на Зоран Заев, односно чекорите кон ЕУ и НАТО.
Маја Ивановска
обработка на текст: Ангела Петровска
камера: Ариан Мехмети
монтажа: Владимир Перчуклиевски
фотографија: Биљана Јордановска