Во центарот на Скопје, во близина на градскиот кеј и Мостот на уметноста, утрово се појавија неколку транспаренти на кои се бараше оставка од владата и промена на системот, поставени од страна на здружението „Кој е следен“.
„Осамна 100-тиот ден по трагедијата во Кочани. Молчевме, жалевме, марширавме, говоревме. Ветивме дека нема да заборавиме. За разлика од системот кој направи сè за да нè дефокусира и дискредитира.
Викендов ве прашавме што би му порачале на системот на 100-тиот ден од трагедијата. И те како имавте што да кажете. Од тага и бол, преку гнев и бес, сè до јасни, недвосмислени повици за борба, за слобода, за правда.
Утрово ги закачивме вашите пораки, на кои додадовме и наши, на разни локации во центарот на градот. Ако градските служби не биле доволно ажурни, веројатно повеќето можете сè уште да ги видите.
Денес, сите заедно на системот му испративме вкупно 100 пораки од 100 различни гласа кои го артикулираат она што сите го мислиме и чувствуваме.
Овие 100 крика за подобар систем не се само минливи желби и фантазии, ниту реторички прашања, туку критики за овој систем што нè убива. Наведнатата глава не ни помага – сабјата упорно нè сече. Затоа, мораме да ги дигнеме главите – и да ги здружиме – и заедно да смислиме подобар систем кој ќе го брани животот, а не профитот.
Кочани, најдлабоко ти се извинуваме што дозволивме ова да ти се случи за да ни ги отвори очите. Но, сега нема назад. Веќе не молчиме. Не простуваме. Не забораваме. Правда мора да има“, објавија од „Кој е следен“ на својот Фејсбук профил.
Фото: Фејсбук „Кој е следен“