Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, во неговото обраќање на конференцијата по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор, истакна дека договорот беше европско решение, беа потребни компромиси, процесот беше тежок, но успешен. Многу други држави, рече тој, избирале друг пат што доведувал до катастрофи.
„ЕУ беше сведок на Рамковниот договор и даде значајна помош за негова импелементација и за поддршка на демократските процеси. Треба да се гледа напред и да градиме заедничка иднина. Процесот на реформи не треба да се враќа назад, се соочуваме и со нови предизвици кои порано не можеа да се замислат“, истакна евроамбасадорот Гир .
Според него, во градењето социјална хармонија и напредок треба да се вклучат Собранието, локалните власти, граѓанското општество.
„Треба да продолжат и напорите за зајакнување на правата на помалите заедници. ЕУ ќе продолжи да ја поддржува земјата и граѓаните, и да гледа на нив како на идна членка и идни граѓани на Унијата“, посочи евроамбасадорот Гир.