Преполна сала исполнета до последниот празен простор, со претставници од домашната и меѓународната јавност на денешната конференција „За општество ослободено од корупција“ која ја организира ЦИВИЛ – Центар за слобода во соработка со „Зелена лупа“.
https://www.facebook.com/civil.mk/videos/209901323255307/
Конференцијата ја отвори претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала кој нагласи дека оваа конференција е прва од низата активности со кои ЦИВИЛ ја започнува борбата против корупцијата како еден од горливите проблеми во општеството.
Дерала потоа го најави премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.
„Денес нема да зборувам и објаснувам колку корупцијата ни ги јаде и труе општеството и системот, туку ќе ги потенцирам најважните антикорупциски процеси во државата со кои се спротивставуваме на оваа заедничка општествена рана. Во насока на воспоставување независно, непристрасно и ефикасно судство, засновано на европските стандарди и најдобрите пракси, презедовме активности за реконструирање на законската рамка со цел да се обезбедат процедури кои ќе ја зајакнат независноста, транспарентноста и отчетноста на судството. Еднакво внимание, во широката рамка законски прописи, кои се во завршна фаза, посветивме и на препознавањето и санкционирањето на непрофесионалното и пристрасно однесување од страна на судската власт. Во овој процес постојано го имавме предвид и огромното значење на правилното функционирање на судскиот систем и ефикасната борба против корупцијата, но и почитувањето на човековите права. Во закон и во пракса.“ истакна премиерот Зоран Заев.
Заев посети на усвојувањето на Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, во кој се уредуваат мерките и активностите за спречување на корупцијата, но и мерките и активностите за спречување на судирот на интереси за кои е надлежна ДКСК во кој се адресирани препораките од Европската комисија, извештајот на Прибе и извештајот на ГРЕКО кои се однесуваат на законската рамка и во чија изработката беа вклучени експерти, претставници на невладините организации и претставници на институции.
„Со овој закон, се воведува транспарентна постапка за избор и именување на претседателот и членовите на ДКСК и се зајакнуваат условите за избор и именување. Предлогот е да се спроведува на интервју со кандидатите кое ќе го врши Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, при што прашања можат да поставуваат и претставници на граѓански организации, и здруженијата на новинари. Интервјуто ќе биде јавно и ќе се пренесува на Собранискиот ТВ канал.“ рече Заев.
Во однос на одредбите што ги содржи ова законско решение премиерот Заев рече дека се предлага зајакнување на надлежностите на ДКСК во контролата на финансирањето на политичките партии и финансирањето на изборни кампањи, се предлага да се утврди дека доставувањето на бараните податоци не претставува повреда на банкарска тајна, утврдување должност за одговорното лице во надлежната институција или од него овластено лице да ги презема сите мерки и активности за доставување на бараните информации до ДКСК како и утврдување можност за ДКСК да бара податоци и информации од надлежни институции, правни и физички лица, заради целосно утврдување на фактичка состојба, вклучително и пристап до 17 бази на податоци.
Во однос на досегашните активности кои се спроведуваат премиерот посочи дека постојат видливи резултати од имплементацијата на концептот за Отворена и транспарентна влада, односно „Според индексот на отвореност, Владата на Република Македонија како централно извршно тело е на прво место во регионот со 76% исполнување на индикаторите“, утврди истражувањето за „Отвореност на институциите на извршната власт во Југоисточна Европа и во Македонија“.
„Воведовме алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Јавноста доби увид за трошењето на функционерите. Сега премиерот и министрите прават три пати помалку трошоци за непродуктивни активности. Ја менуваме перцепцијата во јавноста во насока дека постои политичка волја и подготвеност на Владата за справување со корупцијата во Македонија. Тоа го покажавме во повеќе случаи кога во јавноста беа покренати сомневања за судир на интереси или несовесно работење. Тоа го покажавме во повеќе случаеви кога во јавноста беа покренати сомневања за судир на интереси или несовесно работење. Знаевме да се повлечеме, знаевме да го слушнеме крикот на јавноста, но чесно е да кажеме дека во последните 12 месеци имаме заштедено повеќе од 100 милиони евра само заради транспарентност на постапките при јавните набавки.“ рече премиерот Заев во своето обраќање и како конкретни активности што Владата ги презема во оваа насока ги наведе разрешувањето на претходниот директор на Агенцијата за туризам со образложение за несовесно и невнимателно работење, разрешувањето на директорот на Бирото за јавна безбедност, чиј службен автомобил беше забележан во странска држава.
„Владата апсеше градоначалник од своите редови кога имаше комплетни докази за криминал. Откако се појави сомнеж за транспарентноста и кредибилитетот на првиот инвестициски бран на Фондот за иновации и технолошки развој, беше воведен протокол за постапување при проценка на ризик за компании апликанти од аспект на поврзаност со носители на јавни функции и нивно влијание и сите се повлекоа од етички аспект. Политичките партии го зголемија државното финансирање за да не бидат повеќе зависни од бизнисмените кои им помагаат при нивното редовно функционирање или при кампања, а после им бараат одредени услуги што многу често се сведува на корупција“, потенцираше премиерот.
На крајот од своето обраќање премиерот Заев ги потврди позициите на Владата за независно судство и обвинителство во борбата против корупцијата.
Розета Трајан, генерална секретарка на Секретаријатот на Државната комисија за спречување на корупција својот говор го започна цитирајќи го Бајрон кој вели: „Борбата против корупција не е само добро владеење, таа е и самоодбрана и патриотизам“.
„Постои огромна патриотска должност на секој чинител во општеството да се бори против корупцијата, но и да даде активна контрибуција во борбата против корупција. Бидејќи корупцијата е таа којашто ја намалува вербата на граѓаните во општеството, ги загушува креативноста и инвентивноста, не се вреднува талентот на најспособните и ги руши вредностите. Само општество коешто е ослободено од корупција може да биде општество кое е фокусирано кон прогрес, напредок, развој и просперитет. Поради сето тоа, создавањето на општество ослободено од корупција треба и мора да биде приоритет и императив. Предизвик со којшто мора сериозно да се соочиме и на којшто треба посветено да работиме“, истакна Трајан.
Трајан истакна дека денешниот настан е потврда дека е неопходен сериозен пристап во борбата против корупцијата, додавајќи дека ДКСК во изминатиот период беше нем посматрач на сите случувања во општеството, состојба која пред се се должи на нејзината неефикасност, нетранспарентност и партизираност.
Професорката Мирјана Најчевска потенцираше дека нема да зборува за Законот, ниту за стариот, ниту за новиот, затоа што се уште смета дека треба да има мораториум на промените на законите.
„Ние се исцрпуваме во донесување на нови закони, а не успеваме да ги спроведеме ниту оние коишто ги имаме. Многу често законите ни се добри и оставаат широка рамка за решавање на проблемите со коишто се соочуваме. Но ние упорно, одново и одново носиме нови закони“, истакна Најчевска, додавајќи дека себе си се смета за човек којшто мисли дека корупцијата не може да се искорени.
„Не можеме да го ослободиме општеството од корупција, можеме да ја намалиме и ограничиме корупцијата, но не мислам дека граѓаните се должни да се борат против корупцијата. Тоа е задача на владејачката структура, да се избори против корупцијата, доколку навистина го сака тоа. Моќниците ги корумпираат граѓаните, а не обратно!“, рече Најчевска.
„Често не ја препознаваме корупцијата, која како коруптивното однесување не е само давање земање мито, туку со постапки на издавање на дозволи, со овозможување на криминал, се предизвикуваат сериозни последици за целата заедница… Заради коруптивното однесување го дишеме овој воздух којшто го дишеме“, истакна Најчевска, чие излагање беше проследено со аплауз од присутните.
Ване Цветанов, од „Зелена лупа“, истакна дека корупцијата е тешка тема којашто е канцер на секое општество.
„Должност на секој од нас е да се бориме со неа. За да постои корупција, постојат мотиви. Тие најчесто се неизвесноста од иднината е причина број еден, страв од политичка репресија… Секој треба да си ја прифати одговорноста и товарот којшто го носи на својот грб“, вели Цветанов.
Цветанов истакна дека потребно е секоја институција на секое ниво да покаже промени, понатаму, самоиницијативност на органите на прогон, повисок степен на одговорност кај независните тела, зајакнување на системот во делот на мерката за конфискација.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала во своето обраќање се осврна на човековите права и слободи и нивното кршење во спрега со една од најнегативните општествени појави – корупцијата.
„Ако погледнеме каде почнува еден коруптивен циклус, можеме да повлечеме една линија и да видиме каде почнува се, а тоа се изборите. Во изборните процеси гледаме како ќе се одвива животот на граѓанките и граѓаните до наредните избори. Тогаш се гледа целата мака на општеството. Тука е и коренот на проблемите во нашето општество“, истакна Дерала.
Тој е дециден дека постои огромен простор за интервенции во Изборниот законик, но се уште изостануваат параграфи кои се однесуваат на тоа кој, колку и на кој начин одговара за лошото спроведување на Изборниот законик и за киднапирањето на изборните процеси.
„Партизацијата не застана само на системот, туку политичките партии го окупираа и општеството и просторот за граѓанско организирање. Во таа спрега на корумпирани и партизирани институции, општеството зависи од мали кругови на моќници, и се создава политичка култура во која се негуваат и охрабруваат криминалот и корупцијата“, рече Дерала.
Во вториот дел од конференцијата акцентот беше ставен на присутните гости и нивните прашања, коментари и ставови.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии и финансиски експерт упати силна критика до сегашната власт и премиерот Зоран Заев.
„Ноторна грешка е, господине Заев, да ги плаќате гласачите на вашиот коалиционен партнер ДУИ, со пари од државниот буџет!“, рече Хајредини.
Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз. Ток зборуваше за своето искуство од 1994 и сменувањето од функцијата по обидот да се избори со корупцијата во МВР., но потенцираше дека и денес, по 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е криминализирана држава, од која се изнесени милијарди евра.
„Во Македонија многу повеќе криминал открија истражувачките новинари и истрагите на СЈО, а пред се, МВР е институција која треба да се бори против корупцијата и криминалот. Не можам да сфатам МВР досега да не ги открие организаторите на настаните од 27 април, на пример, туку да чекаме некој Нинџа да ни открива… Во МВР има неколку луѓе кои имаат високи плати и треба да се изборат со корупцијата. Се истражува, се пишуваат колумни, но додека отсуствува ефикасна борба против корупцијата од надлежната институција, тешко дека може да се постигне позначаен резултат“, рече Трајанов.
Владимир Георгиевски, од Секретаријатот на ДКСК, даде одговор на прашањето – зошто се јавува корупцијата особено во земји во транзиција?
„Таа успева во контексти каде има широки можности да бидат искористени за одредена добивка слабите општествени контролни системи… Се врш силен притисок на луѓето во јавната администрација. Со новиот закон надлежноста на ДКСК е превентивно да постапуваа по одредени состојби да укажува за одредени состојби, да поттикнува и да ги координира антикорупциските напори. Потребна е нејзина независност. Тоа е нотирано и во извештаите на ГРЕКО. Но, навистина е тешко да се оствари добар и широк фронт со вака слаби институции…“, истакна Георгиевски.
Активистот Мариглен Демири се заложи за нарекување на работите со вистински имиња. Тој потенцираше дека ги споделува ставовите на професорката Најчесвака за која смета дека треба да биде кандидатка за претседателка на државата, и истакна дека корупцијата е зло на македонското општество за кое нема искрена желба да биде искоренето.
Петар Богојевски, член на ВМРО-ДПМНЕ и еден од иницијаторите за реформи во таа партија, зборуваше за партиските стереотипи за криминалот „на другите“. Со критички осврт и на делувањето на своите сопратијци на индивидуален план, Богојевски сепак, изрази оптимизам, дека по 30-тина години, Македонија е се уште држава во зародиш, и дека има надеж во борбата со корупцијата.
Новинарот Горан Лефков во своето излагање ја истакна одговорноста на ДКСК која со месеци не работи, како и на Државната комисија за достап на информациите од јавен карактер која е обезглавена од мај и во која стојат нерешени 1.000 молби и барања. „Македонија нема тело за одземање на имот од криминални дела, во Словенија е одземен имот од 320 милиони евра, а во Македонија 460.000 евра!“, потенцираше Лефков.
Илија Николовски, претседател на Партијата на пензионерите истакна дека организаторите на настанот презеле преголема обврска со темата, зашто нема општество кое сосема слободно од корупција. Тој се заложи за чистка со криминалот во МВР, зашто во моментов, „нема клетка во Македонија во која нема корупција“.
Маријан Ненов од Но-пасаран, корупцијата ја спореди со една бактерија.
„Корупцијата ја има насекаде, но ја забележуваме дури кога ќе почне да ни смета. Корупција има затоа што во судството се намножија многу бактерии. Дури и власта вели не може да се мешаме во судството. Спасот ни останува само уште во Обвинителство“, истакна Ненов.
„Ви честитам за еден ваков сериозен потфат да се говори јавно за корупцијата, ве поддржувам целосно. Парите што треба да се даваат за корупција мора да оди преку банките. СЈО прочепка во банкарските сметки и видовме дека преку банките корупцијата успеа да се легализира. Банките имаат посебни овластувања корупцијата да ја извршат без да може да им се влезе во систем“, истакна архитектот Златко Тодоров.
„Антикорупциска не се распушти поради патни трошоци, напротив. Бирото за вештачење е институција која не се спомнува, меѓутоа е сериозно корумпирана. Борете се да не бидете робови!“ заклучи Тодоров.
Конференцијата во организација на ЦИВИЛ е во рамки на проектот „Граѓани за слободно општество“.
Маја Ивановска
Фотографија: Биљана Јордановска