ЧатГПТ (ChatGPT), и бесплатниот и Плус, OpenAI API и Sora паднаа во раните утрински часови на 10 јуни. Прекините започнаа рано на 10 јуни 2025 година, околу 9 часот по средноевропско време. Прекинот трае и по осум часа од првиот крах со кој се соочи најпопуларната платформа на овој технолошки гигант.
Корисниците околу 9 наутро почнаа да добиваат пораки како што се „се појави грешка во мрежата“, „Грешка во протокот на пораки“ или непрекинато „размислување“. Моделите од пониска класа (како o3 или 4o‑mini) се бавни, повремено беа употребливи, но водечките модели во голема мера не реагираат.
Страницата „статус на OpenAI“ потврдува делумен прекин со „зголемени стапки на грешки и латентност“ што влијаат на приближно 21 компонента на ChatGPT, 14 компоненти на API и 4 услуги на Sora. Проблемот трае повеќе од осум часа во моментот кога оваа вест се пишува.
DownDetector пријавува стотици до илјадници истовремени проблеми, при што околу 93% се поврзани конкретно со ChatGPT. Корисниците на Редит (Reddit) се впуштија во долги низи со коментари во кои ја изразуваат својата фрустрација.
Причината на глобалниот прекин не е обелоденета. Компанијата само наведува дека ваквите прекини често произлегуваат од „преоптоварување на серверската страна“, „проблеми со мрежната инфраструктура“ или „сложени каскадни грешки“ што вклучуваат повеќе системи.
Исто така, се наведува дека инженерите на OpenAI активно истражуваат и објавуваат поправки врз основа на дијагностички наоди од логовите за грешки и латентност.
Подготви: Џ. Д.