Во Годишниот извештај за слобода и права на граѓаните, заштитата на детски права е втора област по најголем број претставки за повреда на правата, а областа образование е една од најранливите категории, соопшти народниот правобранител Насер Зибери на отворањето на тркалезната маса „Унапредување на квалитетот на инклузивното образование на децата со попреченост“, пренесува МИА.
-Во последните две години се чувствува пораст на претставки за повреда на правата на децата од повеќе причини – прво, пандемијата ограничи многу права, па и физичкото присуство на децата во образованието, но и недоволен пристап и капацитет на установите за остварување на правата на децата, особено на децата со попреченост. МОН лани со Концепцијата воведе многу новини, како дигиталните учебници, која од друга страна отвори други проблеми во однос на снабденоста на училиштата со уреди за настава со дигитални учебници. Тука се и проблемите со остварување на материјалните права на децата, особено на тие со попреченост и од тие причини годинава заштитата на правата на децата имаше пораст на претставки и пораст на повреди во оваа област, изјави народниот правобранител.
Во воведното излагање тој посочи дека има извесни позитивни чекори и напори на државата, особено со Законот за основно образование од 2019 година и операционализација на член 24 од Конвенција за заштита на лица со попреченост, но напорите, нагласи Зибери, не треба да застанат тука и измени треба да има и во законите за средно и за високо образование.
-Донесувањето Закон за основно образование обезбедува инклузија на сите деца во основно, но во пракса постојат и сериозни проблеми. Значителен број основни училишта се непристапни за децата со попреченост, наставниот кадар често не е доволно сензибилизиран и доволно обучен за работа со овие деца и реализација на наставата. Во одредени основни училишта нема специјални едуктори и рехабилитатори во стручните служби, некаде не постои добра клима за инклузија на овие деца, а примерот што го имавме во училиштето во Гостивар, за жал, најпластично ја одразува таа состојба, истакна Зибери.
За да се унапреди состојбата, рече тој, треба да се отстранат бариерите во училиштата, а тоа значи зајакнување капацитетот на образовниот систем за да се овозможи еднаков пристап за сите ученици односно децата со попреченост да не се исклучени од бесплатно основно образование кое ќе го добијат во местата каде што живеат.
Во изминатиот период институцијата што ја предводи има направено повеќе евалуации за правата на овие деца, подготвени се и објавени извештаи и препораки до надлежните органи во насока на унапредување на инклузивно образование кое, како што рече, е одредба на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост која нашата држава ја ратификуваше во 2011 со што се обврза да го признае нивното право за образование без дискриминација.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири соопшти дека во редовно образование во основните училишта се вклучени 911 ученици со посебни образовни потреби и 312 во средно образование и дека со буџет од МОН оваа учебна година се ангажирани 500 образовни асистенти кои им помагаат на инклузивните тимови составени од наставник, стручен соработник и родител.
Со техничка поддршка од УНДП и во средните училишта, по примерот на основните, рече Шаќири, од септември ќе почне имплементација на образовна асистенција. Досега се ангажирани 79 асистенти и започнати се обуки во трите регионални центри за стручно образование во Охрид, Тетово и Куманово за инклузивно образование.
-Градењето инклузивно образование е долготраен и комплексен процес, што подразбира постојано подигнување на нивото на поддршка, но само со вклучување на целото општество во остварувањето на правата на децата со атипичен развој се овозможува тие да стекнат знаења и вештини и да израснат во граѓани кои можат да се реализираат себеси и да придонесуваат за целата заедница, рече Шаќири.
Се осврна на трансформацијата на посебните основни училишта во ресурсни центри задолжени да обезбедуваат стручна помош и поддршка на општинските основни училишта и на учениците со попреченост вклучени во редовниот образовен систем и рече дека МОН континуирано работи и на зголемување на бројот на дефектолози и специјални педагози.
Со измена на Законот за социјална заштита, пак, од јули минатата година е спуштена возрасната граница на корисници на услугата личен асистент за индивидуална поддршка и наместо од 18 години, сега може да ја користат и деца од шест години доколку се со потешка или најтешка телесна попреченост или ако се слепи.
Државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика Ресми Ејупи рече дека инклузијата на децата со попреченост е меѓу клучните приоритети на МТСП и Владата, дека политиките во таа насока се видливи со воведување на Меѓународна класификација на функционирање (МКФ) при проценка на децата со попречености.
-Со новиот начин на проценка се напушта стариот медицински модел на гледање на попреченоста односно се заменува со немедицинско гледање кое ги проценува јаките страни и способности на децата и младите, како и потребната поддршка што детето треба да ја добие во образовниот систем за да ужива еднакви можности како своите врсници и да може да го развие својот потенцијал, рече Ејупи.
Зборувајќи за политиките што ја подобруваат состојбата на децата во предучилишното образование, тој се осврна и на измените на Закон за заштита на детето, во кој веќе не постојат посебни групи за децата со попреченост туку тие се вклучуваат во редовните воспитни групи, раководејќи се, како што рече, од инклузивност во згрижувањето.