Дејан Георгиевски, претседател на Центар за развој на медиуми, во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа изјави дека секогаш треба да се остане гласен, упорен, па и здодевен во напорите да се сочува слободата.
ЦИВИЛ: Што подразбирате по слобода на изразувањето, медиумски слободи и активизам?
Георгиевски: Слободата на изразување е во основа на овој систем, најдобар меѓу лошите системи на владеење, што го нарекување, претставничка демократија. Таа ни овозможува, во основата на таа претставничка демократија, да разменуваме идеи, да се караме, да ги браниме или напаѓаме, да се согласуваме или не со нив. Тука лежи суштината на вистинско граѓанско општество.
Слободните медиуми се основниот инструмент или основната заштита на слободата на изразување со што го овозможува развојот на едно демократско општество. А колку се нашите медиуми слободни, одговорот е колку што ќе посакаат. При тоа новинарите и сите медиумски работници, како и граѓаните, имаат право да заговараат, да застапуваат, да бранат идеи и вредносни системи.
Во врска со активизмот, секаде во светот се поставува прашањето дали активистичкото новинарство е прифатливо или новинарството мора да биде непристрасно. Но, активизмот е потребен, подеднакво како и слободата на изразување и медиумската слобода, ако сакаме да имаме демократско општество.
ЦИВИЛ: На кој начин ги поддржувате или можете да ги поддржите слободата на изразувањето, медиумските слободи и активизмот?
Георгиевски: Дури и формално водам организација која се занимава со медиумска слобода, слободата на изразување и медиумско законодавство така што сите активности на професионален и на приватен план ми се поврзани со медиумите. Сѐ што можеме, правиме. Колку успеваме не зависи само од нас, но планираме да останеме посветени и јас лично и организацијата што ја претставувам на промоција на медиумската слобода, што ќе овозможи да можеме да уживаме и да ја штитиме слободата на изразување, а по потреба и да бидеме поголеми активисти.
ЦИВИЛ: Дали се соочувате со притисоци од политичките и бизнис центрите на моќта и како се справувате со нив?
Георгиевски: За среќа, не сум се соочил. Немам такво искуство, освен како не сметаме на повремените, што би се рекло, пријателски кавги и расправии со сопствениците на медиумите. Меѓутоа, колку тие се центар на политичка и економска моќ во денешно време е големо прашање, затоа што буквално им е одземена целата моќ што може, а тоа се должи на тоа што немаат пари.
ЦИВИЛ: Кои се вашите препораки, како да се одбранат слободата на изразувањето, медиумските слободи и активизмот?
Георгиевски: Треба првин да видиме од каде доаѓа нападот за да видиме од што се браниме. Но, она што сигурно треба да го правиме е да бидеме гласни, напорни, упорни, здодевни ако треба. Секогаш кога ќе се посомневаме дека настанале повреди на слободата на изразување и медиумските слободи. Ако ништо друго, мора да пуштиме крик до небо. Секако и кој колку може, да вршиме притисок врз оние што вистински можат да дејствуваат.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента
Овој проект е финансиран од Европската Унија преку програмата за мали грантови „Заштита на слободата на медиумите и слободата на изразување во Западен Балкан“ спроведена од Здружението на хрватските новинари, како дел од регионалниот проект „Регионална платформа на Западен Балкан за слобода на медиумите и безбедност на новинарите”, спроведена преку партнерство на шест регионални новинарски здруженија – Здружение на независни новинари на Србија, Здружение на новинари од Босна и Херцеговина, Здружение на новинари на Хрватска, Здружение на новинари на Косово, Здружение на новинари на Македонија и Синдикатот на медиуми на Црна Гора.