Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, при тестирање за патување во странство добил позитивен резултат на Ковид 19, по завршувањето на богојавленските свечености во Охрид, на кој тој присуствуваше. Веднаш потоа тој направил уште еден PCR тест во истата установа, Центар за јавно здравје – Охрид, кој бил негативен, пренесува ОхридЊуз.
Пецаков објаснува дека не чувствувал никакви симптоми и дека и самиот бил изненаден од резултатот на првиот PCR тест, кој, како што повтори, не го направил од здравствени причини.
Се тестирав, не заради симптоми туку заради патување во странство и најбитно и до ден денес немам никакви симптоми. – напиша на својот Фејсбук профил Пецаков.
Низ слична ситуација помина и секретарот на општината Аце Китески, кој исто така добил позитивен, па негативен резултат на тестирањето за Ковид 19, кое, како и градоначалникот, го направил заради патување во странство.
Сепак, според препораките на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, секој што ќе направи ПЦР тест, без оглед зошто му е потребен, резултатот од тестирањето треба да го чека во изолација.