Секој ден, неколку лица кои најверојатно се сместени во домот Чичино село во Скопје, го користат јавниот градски превоз и за да се стоплат и одморат, известува граѓанскиот новинар Вулнет Махмути.
„Околу 8 часот наутро, пет малолетни деца се качија во автобусот со број 56. Патниците гласно реагираа и коментираа „кога државата ќе го среди проблемот со бездомниците и ќе им овозможи соодветни услови за живот“, вели Махмути.
Пред една година ЦИВИЛ објави дека возач на ЈСП побарал полициска интервенција за да симнат еден (бездомник, сиромашен човек) од автобус, бидејќи се возел по целата релација без да се симне, и се враќал повторно назад. За таа „тешка акција“ биле ангажирани неколку полициски возила со полицајци и специјалци… Замислете, специјалци дошле да симнат од автобус еден обичен, безопасен човек кој само седел во автобусот за да се стопли и одмори…?!
Среќа што во овој случај шоферот не побарал полициска интервенција или некој „нервозен“ контролор не ги фатил без билет.
Инаку, во главниот град на Србија кружи автобус соодветно адаптиран за бездомниците, за да можат да се избањаат, да си ја исперат облеката и да добијат бесплатно потстрижување и советување.
Дали нашите власти ќе го следат примерот на соседите, кој наиде на воодушевување кај српската јавност…
Д. Муратов