Осум проектили се истрелани кон украинскиот Центар за меѓународен мир и безбедност, соопшти регионалната воена управа на Лавов.
Станува збор за воен центар за обука и база западно од Лавов, во близина на границата со Полска, која е оддалечена околу 25 километри.
Нападот на воената база во близина на Полска дојде откако заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков вчера предупреди дека западните конвои со оружје и воена опрема за Украина Русија ги третира како „легитимни цели за напад“.
Градоначалникот на Лавов, Андриј Садовји, го потврди рускиот напад врз украинскиот меѓународен центар за мир и безбедност. Тој ги повика луѓето да не објавуваат фотографии и видеа од местото на настанот.
Садовји рече дека се собираат информации за жртви и дека деталите ќе бидат објавени подоцна.
Портпаролот на украинската армија Антон Миронович изјави дека засега нема информации дека некој е убиен во нападот на воениот центар западно од Лавов, пренесува Интерфакс Украина.
Овој напад е значаен бидејќи е блиску до Полска и се смета за предупредување до НАТО, кој често ја користи базата како место за обука.
Лавов и неговата околина досега не биле цел на руски напади, а во градот се засолнети и бегалци и западни дипломати кои останале во Украина.