Вицепремиерката задолжена за политики и добро владеење, Славица Грковска, денеска одговарајќи на на новинарско прашање за тоа какви мерки ќе преземе Владата, откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, деновиве вршел партиски активности во кабинетот на неговиот сопартиец и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, рече дека е недозволиво престапување на кодексот, и дека како член на Влада, во овој случај нема механизам за постапување, пренесе МИА.
Партиските и државните активности мора да бидат разделени, потенцираше Грковска, во изјава за медиуми по промоцијата на публикацијата „Во(н) фокусот на медиумите: демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација”.
Додаде дека претседателите на политичките партии и политичарите треба да бидат пример за тоа како треба да се практицира демократијата и да придонесуваат за демократската свест.
-Не сум го видела, меѓутоа ако е така, ќе постапиме според кодексот. Со оглед на тоа што Али Ахмети е пратеник, а министрите одговараат пред пратениците, би било неупатно да упатам опомена, затоа што јас го немам тој механизам како член на Владата. Во секој случај, такво нешто е недозволиво, затоа што партиските и државните активности мора да бидат разделени и во насока на она што денеска го зборувавме за зголемување на демократската култура, е претседателите на политичките партии и политичарите да бидат пример како тоа треба да се практицира и да придонесуваат за демократската свест, рече Грковска.
Во петокот, Ахмети на својот Фејсбук профил објави фотографии од средбата со Ричард Гренел, која се одржала во Кабинетот на Груби. Гренел е поранешен специјален пратеник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за дијалогот Косово-Србија, како и некогашен шеф на американската Национална разузнавачка служба.