Поранешниот премиер, бегалецот Никола Груевски незаконски си присвоил најмалку 1,3 милиони евра од донациите за ВМРО-ДПМНЕ додека бил претседател на партијата и потоа со тие пари си купил плацови од 11 000 м2 на Водно, велат од Обвинителството за организиран криминал за истрагата за перење пари во која утринава беше уапсен неговиот кум Ристо Новачевски.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска кажа дека не е побарано замрзнување на сметките на Груевски, бидејќи ги испразнил пред да избега во Унгарија. Таа рече и дека повторно ќе иницира екстрадиција на Груевски, откако унгарските власти не го испорачаа за организацијата на 27 април 2017 година.
Според истрагата, првоосомничениот Груевски во периодот од 2006 до 2012 година дел од донациите за финансирање на партијата ги примал лично и не ги прикажувал како примени донации во финансиските извештаи на партијата и на тој начин присвоил најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. Потоа, во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година, тие пари тој ги пуштил во оптек купувајќи градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Управител на фирмата-ќерка бил Новачевски.
Во истрагата на обвинителството за организиран криминал и корупција а која претходно ја работеше СЈО се осомничени и Сашо Мијалков, кумот Ристо Новачевски, бизнисменот Орце Камчев и неговата мајка Ратка Камчева како и бизнисменот Ненад Јосифовиќ.