Холандскиот производител на пиво соопшти дека ја запира продажбата, производството, како и рекламирањето на „Хајнекен“ во таа држава. Во денешното соопштение се наведува дека „ги проценува стратешките опции за иднината на нашите руски операции“, пренесува МИА.
„Гледаме јасна разлика, меѓу постапките на Владата и на нашите вработени во Русија. Повеќе од 20 години, нашите локални вработени се ценети членови на нашиот бизнис. Поддршката на нашите вработени и нивните семејства, е јасен принцип, додека го дефинираме патот напред“, пишува во соопштението.
„Хајнекен“ информираше и дека ќе ги засили поддршката и донациите за невладини организации, што оперираат во Полска, Унгарија, Романија, Словачка.
Хајнекен се придружи на големиот број светски брендови кои ја прекинаа работата во Русија. Претходно, Мекдоналдс и Старбакс соопштија дека ги затвораат нивните ресторани и кафулиња во Русија, а Кока-Кола, исто така, ги одложува операциите во земјата, како одговор на руската инвазија врз Украина. ПепсиКо повлекува дел од производите од Русија.
Coca-Cola и PepsiCo ја прекинуваат продажбата на нивните пијалоци во Русија, откако претходно и Мекдоналдс и Старбакс објавија најава за прекин на бизнисите во таа држава.
Coca-Cola објави дека во 2021 година, нејзините операции во Русија и Украина сочинувале околу 1 до 2 отсто од нето оперативниот приход.
PepsiCo, чиј пијалок беше меѓу ретките западни производи дозволени во Советскиот Сојуз пред неговиот распад, најави дека ќе продолжи да продава во Русија млеко и други млечни производи, храна за бебиња и мали деца.
Мекдоналдс претходно објави дека привремено ќе ги затвори сите свои 847 ресторани во Русија. „Старбакс“ објави и дека ги суспендира сите деловни активности во Русија и дека околу 130 кафулиња што го носат неговото име ќе бидат затворени.