Скопјани денеска нема да можат да ги користат услугите на јавниот градски превоз откако синдикатите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) од 04:30 часот утрово, започнаа со штрајк поради неисплатени плати од страна на Град Скопје.
Вработените во ЈСП протестираат во кругот на базите, aвтобусите во двата пункта на јавното сообраќајно претпријатие во Ѓорче Петров и Автокоманда од утринава не сообраќаат.
лДенес возат само приватните превозници по нивниот распоред, што ни оддалеку не е доволно за задоволување на потребите на граѓаните за автобуски превоз.
Најавата за протестот и прекин на работата беше соопштена уште вчера, откако вработени во ЈСП дадоа ултиматум за да им се исплати септемвриската плата.
На вчерашната вонредната седница на Советот на Град Скопје доцна попладнето беше изгласа иницијатива со која се побара од градоначалничката на Град Скопје до петок до 12 часот да достави одлука за прераспределба на средства за да се исплатат платите.
Синдикатите вчера ја напуштија седницата на Советот револтирани дека нема договор за нивните барања.
– Репрезентативните синдикати на ЈСП беа присутни на вонредната седница на Советот на Град Скопје и очекувавме брз и експресен одговор по иницијативите што ги дават политичките партии дека одредени средства ќе се префрлат на сметката на ЈСП и ќе се исполнат обврските кон вработените. Бевме наивни мислејќи дека тоа ќе се случи. Сагата продолжи до нешто пред 17 часот кога баравме збор од спикерот и не го добивме по што седницата на Советот се прекина за да може да одговориме што ќе преземат синдикатите во текот на утрешниот ден, изјави вчера претседателот на синдикалната организација на ЈСП Миќо Стојановски.
Претседателот на независниот возачки синдикат на ЈСП Африм Муча изјави дека со протестот продолжуваат и понатаму, се додека не ги добијат платите
Советниците во Град Скопје вчера меѓусебно се обвинуваа кој е виновен за состојбата во која е доведено ова јавно претпријатие. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од Арсовска, а од СДСМ обвинија дека за првпат скопјани ќе останат без градски превоз и дека за тоа е виновна локалната власт.
Вчера со неколку автобуси раководството на ЈСП ја блокираше и улицата пред Владата поради неисплата на долг од два милиони евра, а вработените протестираа во кругот на претпријатието поради неисплатата на заостаната плата.












