Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, поранешниот премиер Рамуш Харадинај, го обвини премиерот Албин Курти за корупција и рече дека откако дошле на власт, Курти и неговата партија, Движење самоопределување (ВВ), „го ограбија народот на Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на неговата страница на Фејсбук, Харадинај рече дека за премиерот Курти важи народната изрека „ноќе те убива, дење те оплакува“.
-Кога Курти зборува за корупција, како и за многу други теми, на ум ни доаѓа народната изрека „ноќе те убива, дење те оплакува“. Од доаѓањето на власт, Курти и ВВ со измами и со најподмолна форма на систематски начин и во најчувствителните ресурси го ограбија народот на Косово“, напиша Харадинај.
Поранешниот косовски премиер ја обвини актуелната влада дека ги украде државните резерви и струјата.
Лидерот на ААК се осврна и на доверливите договори, порачувајќи дека „ништо нема да го спречи нивното декласифицирање и соочувањето на нивните кражби со граѓанинот“.