Претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, по денешната средба со премиерот Зоран Заев изјави дека има волја кај премиерот за да најде компромис во однос на нивните барања околу државната матура, а ако не се најде некакво решение од 1 март најави поставување кампови пред Министерството за образование и наука (МОН).
Ходаи вели дека тие како средношколци со Заев разговарале кои се можните компромиси доколку во Собранието не се донесе закон со кој ќе се скратат од 4 на 2 предметите за полагање државна матура, и повтори дека тие даваат рок до крајот на февруари за да се најде решение за нивните барање, а очекува дека ќе има притисок и од меѓународната заедница.
Од Владата соопштуваат дека претставниците на Сојузот му ги образложиле на Заев своите барања повикувајќи се на образовни модели во Франција, Белгија и Обединетото Кралство, каде е намален бројот на предмети кои матурантите ќе ги полагаат годинава.
„Како одговорна Влада инвестираме во младите луѓе и водиме грижа за квалитетно образование и понатамошен напредок. Свесни сме дека во време на коронакризата е потребно да излеземе во пресрет и низ дијалог да изнајдеме компромисни решенија“,
Ставот на МОН е дека има и законска обврска да овозможи полагање на државната матура, зашто над 14 илјади матуранти во законскиот рок (крајот на декември) веќе се пријавиле за државна матура и ги избрале предметите по кои ќе бидат тестирани.
Сојузот на средношколци изминатата недела имаа средби со пратеници, а ВМРО ДПМНЕ ги поддржа нивните барања.