Странка на Демократска акција на Македонија (СДА) на конгресот одржан на 29 јули избра ново раководство на партијата. За нов претседател на партијата е избран Џељо Хоџиќ, а Мустафа Мандал е секретар на партијата.
Новиот претседател изрази подготвеност со голема одговорност да ја поведе СДА, како најважна политичка партија на Бошњаците во Република Северна Македонија, низ политичките процеси, во нови политички битки и нови политички победи.
За новото раководство, членството во НАТО на Република Северна Македонија, остварено преку Преспанскиот договор претставува стратешки интерес на државата, а патот кон ЕУ голема обврска кон сегашните и идните генерации. Процесите на демократизација во нашето општество создаваат можност за фер политички натпревар во идеите за развој на државата и подобар живот на сите граѓани, без разлика на етничката и верската припадност, рече Хоџиќ.
Како најголема и историски најзначајна партија на Бошњаците, СДА и понатаму ќе се залага за реализација на правата на бошњачката заедница. Препознавајќи ја Република Северна Македонија како држава на сите нејзини граѓани!
Врз основа на сработеното во изминатите четири години за бошњачката заедница, новото раководство на СДА нема дилема дека треба да коалицира со СДСМ и политиката на премиерот Зоран Заев.
Новата коалиција помеѓу СДА и СДСМ претставува позитивен пресврт, кој ќе донесе добро за Бошњаците, но и за сите граѓани на Република Северна Македонија. Новото политичко партнерство претставува и зголемување на коалицијата која носи прогресивни политики, што секако е добро за сите граѓани, порача новиот претседател.
На локалните избори ќе настапиме заедно со СДСМ, со мирна совест дека тоа е најдоброто за бошњачката заедница. По локалните избори ќе разговараме со премиерот Заев за учество и во коалицијата на државно ниво, со цел да продолжи овој позитивен тренд за бошњачката заедница во Република Северна Македонија.
Новиот претседателот Џељо Хоџиќ на сите членови и симпатизери на СДА им порача дека заедно ќе влезат во нови политички битки и во нови политички победи на кои ќе можат да бидат горди, бидејќи СДА е силата на Бошњачкиот народ.