„Хрватската десница треба да се обедини околу Милановиќ, а да го отфрли Пленковиќ од таа позиција“. Ова е ставот на еден поранешен политичар од десничарски ков – Тончи Тадиќ (ХСП), во разговор објавен во Слободна Далмација, пренесе Хрватски гласник по последниот успех на старо-новиот станар на Палатата Пантовчак. Тадиќ, научник и спортист во боречките дисциплини признава дека ретко каде во светот се успеало да се направи еден силен и достоен за респект десничарски фронт, но дека сега, откако Милановиќ направи резултат од добиени 75 отсто од гласовите на излезените гласачи на изборите, го надминал и Туѓман, па оттаму, тој е устоличен политичар со „указ“ на народот.
Мора веднаш да се каже дека – за разлика од оние вообичаени, рефлексивно дадени честитки за изборната победа на политичарот кој инаку поседува партиска книшка од социјалдемократите – малку кој го гледа ова низ призмата на тие идеолошки очила!
Дали е можна заедничка програма на десницата?
Еве само дел од ставовите на Тадиќ: „Мора да има јасна заедничка програма. Сепак, нема јасна заедничка програма, бидејќи, не можат да се договорат за основни прашања. А основното прашање на хрватската десница е во која година живееме. Од одговорот на тоа прашање произлегува сè друго“.
„Настаните во Хрватска во 1941 или 1945 година, односно пред 80 години, се исто толку релевантни за денешна Хрватска како што беа настаните од времето на хрватско-унгарското договарање во 1941 или 1945 година. За да се обедини десницата, покрај заедничка програма, мора да има и харизматичен лидер кој ги обединува со нивната личност и личните ставови, кои се еден вид заеднички именител за сите десничарски партии и гласачи. Според мене, само Зоран Милановиќ може да ја обедини десницата со своите ставови“, смета Тадиќ.
Имено, денешниот хрватски т.н. суверенизам, како што го поставува хрватската десница, е килава копија на ставовите на Орбан и Трамп. Значи: против ЕУ, против НАТО, за Путин, против Украина, омразениот Запад и Брисел…
Читајќи сè повеќе вакви детали како што се пројавувале низ деновите пред изборот на хрватските граѓани за нивен претседател и како што одминуваат деновите потоа, работите не ми се допаѓаат пред сè како жител на земја што е нова членка на Алијансата и како сведок на сето она што ќе ни се случува годинава. Што инаку е само по себе загрижувачко и просто – боли глава!
Кои се фактите?
Официјалното броење на гласовите од вториот избирачки круг покажа дека за овие избори биле запишани 3.533.441 потенцијални гласачи, а било утврдено дека гласале 1.561.223 избирачи или 44,18%. Имало мал број неважечки ливчиња, а кандидатот Зоран Милановиќ добил 1.122.859 гласови, додека Драган Приморац 380.752 гласови.
Кој и што доби од ваквиот исход на изборите? Се чини дека сè е повеќе од јасно, иако во однос на толкувањето на бројките, работите не се целосно избистрени. Бидејќи, постои намален интерес на гласачите (најнизок во однос на претседателските избори), што губитникот премиерот Пленковиќ како ктитор на кандидатот Приморац посебно и во секоја пригода го нагласува. Но и постои скорот од 77 отсто освоени гласови од излезен гласачки корпус на што не можел да смета и основачот на плуралистичка Хрватска – Фрањо Туѓман.
Ивица Релковиќ од партијата „Мост“, кој лани ја напушти советничката позиција во Владата како дел од оваа партијата, дотогашен коалиционен партнер на ХДЗ, најави криза на десницата уште пред седум месеци. Имено, тој беше дел од своевиден центристичко-граѓански акцент на националистичката политика на партијата на основачот Туѓман, и тоа го кажа уште во мај 2024 година, кога ХДЗ се задржа на власт само со помош на оние 9 гласови од Домовинската партија (од каде е Приморац). Таа нова дружба не им се допадна и на т.н. бранители па двајца „домољубни“ пратеници на таа нова коалиција и тие станаа независни. Имено, оваа крајно десна творба, основана од борците во југословенските пресметки, доби на изборите 11 пратенички места, што на крајот направи да се создаде одвај доволна коалиција која треба да ја има извршната власт. ХДЗ го изгуби граѓанскиот сегмент, а доби екстремисти во собраниското прикрпено мнозинство.
Релковиќ во изјава за N1 рече дека „ова не беа претседателски избори, туку референдум за Пленковиќ“. Така, оној кој одвај побeди на парламентарните избори, направи коалициона влада која никому не му се допадна и домино-творбата започна да се руши. Тоа не беше само реакција на грешките во владеењето и корупцијата, која ја имаше сè повеќе, туку извесно раслојување во ХДЗ-овската тврдина и тоа брзо. Ова беше констатација на многу политичари деновиве. По проценки на новинарите на хрватската ТВ станица N1 дури 20 отсто од гласачите на ХДЗ од парламентарните избори сега гласале за Милановиќ, повикувајќи се притоа на пост фестум анализи.
Социјалдемократите ќе си ја пишуваат сами домашната задача
На некој начин со ова се согласуваат и социјалдемократските погледи кон овие избори. „Наша теза е дека поддршката на гласачите за Милановиќ е поддршка на СДП, ама немаме докази за тоа“ – изјави Сабина Гласовац, потпретседателката на Саборот на Хрватска од редовите на социјалдемократите. Имено, таа би сакала нејзината партија да добие крилја пред локалните избори кои се во мај, но оценува дека сепак домашната задача ќе треба сами да си ја напишат. За секој случај.
Тоа не ја намалува лутината на поразениот Пленковиќ, кој се обиде пред вториот круг на изборите најпрвин да се огради од поразот, изјавувајќи дека во владината коалиција никој не сакал да му излезе „на црта“ на Милановиќ па се прифатила самокандидатурата на Приморац, инаку човек кој е познат по тоа што одеше на чело на некои ад-хок „комисии“ за исфрлување од становите по градовите на жителите Срби по националност и нивно преземање од хрватски станари (во Книн имаше случаи едно семејство само да добие „во мираз“ дури и по 4 стана во кои претходно живееле домородни Срби!). Изјавата на Пленковиќ меѓу двата круга на гласањето дека немало подобар кандидат беше удар со нож во грб на кандидатот на ХДЗ, а видливо беше дека после поразот најавен во првиот круг, премиерот отсуствуваше на митинзите на Приморац! Зајадливо или не, на тие митинзи Приморац самиот ги прашуваше новинарите – каде е премиерот? Каде е неговата потпора?
Проблем во идеолошката ориентација
Кога се говори дека Милановиќ победил со лева програма над десницата се јавува проблем во ориентацијата. Со која програма? Со барање да се врати слободата на абортусот за Хрватките, да речеме? Да се регулира пазарот на трудот, да продолжиме да се прашуваме? Да се спречи инфлацијата создадена со влезот на земјата во евро зоната од пред една година, кога трговците-итромани го искористија мигот да направат скок на вредноста на својата стока по продавниците, која потоа се претвори во ценовно стампедо (Хрватска има највисока инфлација во земјите на ЕУ).
Не, тоа главно не се ни негови ингеренции, освен кај нарушување на човековите права, во однос на проблемите на жените да речеме, ама и на странците работници кои се битни за економијата, ама не и за оние кои на нив гледаат со омраза од крајно десните позиции. Не, Милановиќ беше доста глаголив кога се работеше за некористење на хрватските вооружени сили надвор од границите и кога не сакаше да се согласи макар и двајца офицери да одат во германскиот Визбаден во рамки на програмата на НАТО да обучуваат украински офицери во користење на софистицираната програма.
Се работеше, да се потсетиме, за многу значајна програма со учество на 300 офицери од сите земји членки на НАТО, ама Миладиновиќ не сакал да испрати макар двајца од редовите на хрватската армија.
Хрватските аналитичари не бегаат од теоријата за суверенизмот и тие не велат дека е некој антизападен или проруски настроен, туку се користи терминот – тој е суверенист. И во случајот на двајцата лидери во кавга – претседателот на државата и премиерот на Владата чие неслагање стана „епско“, може да се заклучи дека често немаат меѓу себе преголеми разлики: обајцата се сметаат за суверенисти.
Аферата Вили Берош како лакмус хартија – кој е поголем суверенисдт?
Да се потсетиме на еден настан од пред некој месец. На аферата со корупцијата на министерот за здравство, кого „со рацете во медот“ не го открија домашните антикриминални органи, туку одделението на европскиот обвинител. Имено, тоа е оној наддржавен орган кој е резултат на влезот на Хрватска во Унијата каде Брисел си обезбедил простор да се грижи за воедначен пристап на членките по прашања на нечесноста, на пример.
Во овој настан од пред 2 месеци хрватскиот министер за здравство Вили Берош е уапсен во акција на УСКОК, ама по барање на европското обвинителство (EPPO). Утрото по ноќното апсење премиерот Андреј Пленковиќ го разреши уапсениот министер откако прво го свика партиското раководство (!) а потоа и Владата. Но потоа дојде една ситуација во која – така да се рече – Пленковиќ посака да е контролор над процесот на истрагата (оттаму и на казнувањето во крајна инстанца) и јасно кажа дека испитувањето и понатамошната истрага треба да ја водат домашните обвинители.
Ова е секако потег на „суверенист“, оној што во тамошното милје се очекува од некој кој, да претпоставиме, е на висока функција. Рефлексивно претседателот Милановиќ реагираше и побара процесот да го продолжи оној орган кој покажал решителност во однос на криминалот, значи европскиот обвинител, но Пленковиќ успеа да го наметне своето решение, веројатно убеден дека ќе може да ја намали штетата по својата Влада. Ова не му се допадна на Брисел, секако. На таа ситуација реагираше ХДЗ па во нивното гласило излезе насловот – „Големиот суверенист“ и евроскептик Милановиќ одеднаш се спротивстави на националните тела, бара институциите на ЕУ да одлучуваат наместо Хрватска“.
Во ова партиско гласило инаку стоеше јасно потсетување на Пленковиќ дека се радува на дебата по ова прашање со Милановиќ и неговата партија – со социјалдемократите. Како да создаде импровизиран ринг во кој се очекува дека ќе ужива пред сè оној кој покажува помал респект кон – да го наречеме така – наддржавниот орган, оној на Унијата, од каде треба да доаѓаат само парите.
Ова е само пример како во едно меѓусебно одмерување на силите овие двајца функционери практично покажаа дека на Хрватска како да и e претесно кога треба да биде во некаков сојуз кој е не дај боже како во Австро Унгарија, во далечното минато, што е разбирливо, но и во Југославија, ама сепак и во ЕУ, каде постои нешто што треба да има вредност на заеднички критериуми. Заедниците мора да почиваат на некои столбови, секако. Да се потсетиме на домашните опортунисти кои кон зачленувањето на земјава во НАТО и ЕУ настапуваат или размислуваат со слични ставови, можеби и потврди, мислам на нашиве „комити“, при што поимот не го врзувам со навивачите на ФК „Вардар“.
Изолација на врховниот командант
Постојаните судири меѓу споменатите највисоки функционери се пред сè можни во областа на надворешната политика и кај одбраната, со потсетување дека Милановиќ е врховен командант на хрватската војска. По првото назначување за претседател, Милановиќ три пати се обидувал да свика Совет за безбедност, по кажувањето на горе споменатата Сабина Гласовац и не успеал – постоел заговор кон овој со Уставот воспоставен орган (го има и во нашиот Устав и со него раководи претседателот на државата). Но кога на денот на нападот на Русија врз Украина во февруари пред речиси три години Пленковиќ побарал да се свика овој Совет, Милановиќ рекол – е не сега! Како во детска игра, а ситуацијата е повеќе од сериозна, веројатно и претходно имало такви поводи, но вакви „надмудрувања“ не се пример за соодветно однесување какво што заслужува хрватскиот народ, а секако тоа е важно и за нивните сојузници.
Треба да се каже дека од неодамна премиерот креира нов Закон за одбрана со кој ќе се дезавуира уставната позиција на претседателот на државата, но стручњаците јасно укажуваат дека со закон не може да се менува – Устав! И тоа е една опасна ситуација, ако се гледа од аспект на НАТО, но и од гледна точка на Европската унија.
Треба да се признае дека по победата на ХДЗ на парламентарните избори со тесно мнозинство во Парламентот со помош на Домовинската партија (одвај) претседателот Милановиќ без никакви проблеми го прими Пленковиќ и му ја даде можноста да формира Влада. Сега ХДЗ заедно со својот претседател и со првиот човек на парламентот Гордан Јандроковиќ велат дека нема да одат на инаугурацијата. И малите деца би рекле – е не е фер!
Истовремено, сојузниците на Хрватска забележуваат дека нема координација за водењето на надворешната политика – хрватскиот министер за надворешни работи и во ОН гласал против прекинот на огнот во Газа – имало реакција на Милановиќ, бидејќи тоа е направениот пред да го консултира. Во меѓувреме, имаше многу опструкции од страна на премиерот, па дури и повик до Генералштабот да одбијат послушност кон врховниот командант, што има третман на обид за пуч во земјата, како што имаше целосно искокнување на министерот за надворешни работи со неконсултирање при поставување на амбасадори. Истовремено, Милановиќ водеше самостојна политика во однос на поддржувањето на унгарскиот колега Орбан, па имаше и средби со Додик од Република Српска.
Путин и хрватскиот претседател
Дали вредат замерките за односот на Милановиќ кон најомразениот човек во слободниот свет – Путин? Ако се суди според изборот на дел од неговите политички пријатели не би зачудило дека тој кон Кремљ не го дели истиот диоптер со европската и политиката на НАТО кон агресорот врз Украина.
Да се потсетиме дека при очајничкиот обид на Приморац како кандидат на владејачката коалиција ХДЗ – Домовинска партија на претседателските избори да го намали поразот во вториот круг, да го направи „попристоен“ се одеше на таа карта: да се рече дека противкандидатот е тајно поддржуван од Кремљ. За таа цел, Приморац одржа прес конференција непосредно пред изборниот молкот, практично без можност да им биде одговорено (!), а при тоа се повика на наводно истражување на една британска агенција која докажува дека зад Милановиќ стојат руски ботови.
Гласачите не наседнаа на оваа постапка, според исходот на изборите. А што одговори стручната фела?
Најпрвин надлежното тело ХАКОМ утврди: немало значително влијание на руските ботови на изборите. Во нивниот извештај се наведува дека постои Извештај на Центарот за информациска отпорност (британската организација) каде се наведува дека проруските мрежи функционирале во два брана – по победата на Милановиќ во првиот круг и по неговите изјави против потенцијалното мешање на Хрватска во украинската војна.
Извештајот го анализирал однесувањето на корисничките сметки на социјалните мрежи како што се X, Facebook, Reddit, TikTok и други мрежи во претходниот месец. Клучните термини биле „Зоран Милановиќ“ и „Драган Приморац“, а целта била да се разоткрие мрежа на проруски, анти-ЕУ и анти-НАТО ботови.
„Она што се случи не беше толку алармантно за да може да има влијание врз изборите. Немаше значајно влијание“, нагласува Домагој Маричиќ, првиот човек на ХАКОМ.
„Ние не тврдиме дека информациите што ги имал Центарот за отпорност на информации биле злонамерни или дека овие истражувачи дејствувале со лоша намера, но под околностите, ништо не укажувало дека има алармантна ситуација на која платформите треба да дејствуваат“, додаде тој и заклучи – „што се однесува до нас, оваа приказна е завршена“. Притоа, има објаснување дека не е назначено кој конкретно ги вршел истражувањата (со име и презиме) иако се знае дека се тоа локални луѓе и не се наведени нивните квалификации, а се додава и дека оваа британска организација не е регистрирана во Загреб, како што објави N1.
На овие обвинувања после изборите реагираше и социјалдемократката Сабина Гласовац во гостувањето на хрватското студио на N1 која потсети дека претходничката на Милановиќ во претседателската фотелја – Колинда Грабар Китаровиќ имала средби со Путин на руско тло и тоа непосредно после неговото присвојување на полуостровот Крим и била егзалтирана од друштвото на домаќинот! Истовремено, ниту сметките на ХДЗ не се без „допир“ со руски пари, изјави, но додаде дека СДС не сакал да подигнува прав.
Како да се земе, има многу дупки во претпоставената слика на една стабилна држава креирана од некои крупни прозападни играчи и приврзана до сите оние принципи до кои се создала таа моќна база на оваа, да ја наречеме така, трета хрватска држава во последните 120 години.
Првите денови по изборите покажуваат дека нема простор да се смета на голема стабилност во релациите на првите луѓе на демократските институции. Премиерот и првиот човек на Парламентот одбиваат да присуствуваат на инаугурацијата на претседателот на државата и не ја прифаќаат неговата понудена рака.
Одбиена понудената рака од претседателот
Во каков момент тоа се случува? Говорејќи во првите часови на новиот ден во средата, на 15 јануари, поранешната министерка за надворешна политика и голема пријателка на нашата земја во нејзините евроамбиции, Весна Пусиќ, објасни дека ова е голем пораз на ХДЗ и дека тој се должи на фактот што Пленковиќ практично ги изгуби парламентарните избори (!) и мораше да формира Влада со екстремната десница. Со тоа направи проблем кај и онака проретчените гласачи на неговата партија. Она што е од наш аспект значајно е нејзината изјави дека од годинава ЕУ добива и друга, нова функција, која до сега ја немала – одбранбената и дека не е време за инфантилни потези како што е неодењето на инаугурација на шефот на државата и главниот командант, оној кој повикува на смирување на напнатостите. Пусиќ добро ја согледува ситуацијата која ќе ја погоди Европа оваа година и укажува на фактот дека Унијата сега ќе мора практично самата да се брани од рускиот империјализам, како и дека можеби ќе мора итно да се подготви на тоа. Ова се поклопи и со говорот на првиот човек на НАТО Марк Руте пред неколку дена, кој со драматика ги потенцираше истите работи, како што исто говореше и вториот човек во НАТО, Радмила Шеќеринска, ден пред тоа во Шведска.
Путин веројатно комотно ги следел хрватските избори, му се чинело дека не е важно кој би победил. Но сите други на континентов посебно треба да го гледаат случајот со овие избори и односот на Хрватска кон украинската криза со погодени очила за еден таков пресуден настан за судбината и на својата земја!? И евентуалните честитки за победникот треба да ја содржат таа желба и очекување од станарот на вилата во Пантовчак.
Специјално за ЦивилМедиа