Датумот 5 јули станува се поизвесен за одржување на парламентсрните избори. Освен ВМРО-ДПМНЕ, сите други поголеми партии изразиле подготвеност да го прифатат овој датум ако Комисијата за заразни болести даде согласност.
Од Алијансата за Албанците повторуваат дека според нив најдобар датум е 26 јули, но на нашето прашање дали би го прифатиле 5 јули, одговорија позитивно доколку се постигне концензус.
„Нашиот став е изборите да се одржат на 26 јули, заради причините кои сме ги образложиле досега, меѓу кои една е и да се стабилизира ситуацијата со Ковид-19, да бидат присутни ОБСЕ ОДИХР, да се отварат границите за да им се овозможи на дијаспората да бидат дел од изборите. Меѓутоа, спремни сме да прифатиме секој датум кој ќе се донесе со целосен концензус на главните партии во земјава”, изјави за Цивил Медиа, Флакрон Беџети од Алијанса.
Иста подготвеност изразила и партијата Алтернатива, другиот партнер на коалицијата со Алијансата за Албанците. За оваа партија е прифатлив датумот 5 јули ако се елиминира стравот од пандемијата.
„Одлуката за новиот датум за избори може да се одреди со општ концензус на политичките партии, како што сме разговарале на последната лидерска средба кај претседателот. Нашиот став, засега, останува дека изборите треба да се одржат во услови на целосно елиминирање на стравот од вирусот и ова според предвидувањата, е крајот на јули или почеток на август”, изјави Фатон Фазлиу, портпарол на Алтернатива.
ВМРО-ДПМНЕ засега е едиствена партија која директно не се изјаснила дали е подготвена за 5 јули, иако последните денови изјавија дека е можен компромис за конценсуален датум. Но од друга страна јавно се уште инсистираат за избори на крајот на август или почеток на септември.
Арбен Зеќири