Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека нема ништо против во личните карти да стои и етничката припадност.
-Не гледам проблем во тоа да стои во личната карта дека сум Македонец. Апсолутно не гледам причина. За жал, има и такви парламентарни партии кои што од страна му служат на Зоран Заев, коишто се обидуваат да го спречат сето тоа. Не гледам причина зошто во мојата лична карта да не стои мојата национална, етничка определба дека сум Македонец, а некој тоа сака да го спречи, вели Мицкоски.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека можноста етничката припадност да се впише во личните карти била дадена уште со законот што бил прифатен со уставните измени. Тоа би можело да биде проблематично за патувањето во регионот што е дозволено и со лични карти, но тоа не е доволна причина во нив да не биде ставена етничката припадност, додаде тој.
– Прво, државјанството е обврска согласно сите меѓународни стандарди. Ние со законот што го прифативме уште при уставните промени, а и сега стоиме позади него, даваме опција да се впише и етничка припадност. Опцијата да се впишеме како сме етнички припадници, значи покрај тоа што сме Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, да можеме да се пишеме етнички како Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми или слично. Личната карта пред се е документ за лична идентификација. Убавината е што се користи како патен документ овде во регионот на Западен Балкан со сите земји ние патуваме со лична карта – Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина со лична карта и со патни документи. Тоа е проблематично, но дефинитивно не е доволна причина за да не ја ставиме определбата етничка на граѓаните заради тоа што навистина државата ни е мултиетничка, граѓаните се припадници на повеќе етнички заедници и ќе го имаат правото во својата лична карта да го имаат и својот етникум, изјави Заев.
Заев не гледа ништо спорно во личната карта да се впише етничка припадност