Од вечерва, Владата почна и официјално да го применува новото уставно име, откако вчера грчкиот парламент официјално соопшти дека го ратификува Протоколот за членство на нашата земја во НАТО.
Владата информираше дека од денеска, 12 февруари 2019 година, влегува во сила Преспанскиот договор, кој Министерството за надворешни работи соодветно го објави во Службен весник.
Соопштението беше потпишано со Влада на Република Северна Македонија, а новото име беше поставено и на официјалната интернет страница на Владата.
Од утре и во наредните три дена се најавува поставувањето и на таблите со новото име на граничните премини.
Изгласаните уставни измени го вклучија и амандманот, предложен од осумте независни пратеници, според кој новото уставно име влегува во сила откако Грција ќе ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за членство на нашата земја во НАТО.
А. Зеќири