Илјадници резервисти почнаа да се пријавуваат на должност додека израелската војска продолжува со својата офанзива за освојување на Газа, објави Би-би-си.
Копнените сили веќе се пробиваат во периферијата на најголемата урбана област во Газа, за која војската вели дека е упориште на Хамас.
Градот е исто така подложен на силно израелско воздушно и артилериско бомбардирање, а локалните болници велат дека повеќе од 50 Палестинци се убиени таму од полноќ.
Војската им нареди на жителите веднаш да се евакуираат и да се упатат кон југ. ОН вели дека околу 20.000 го сториле тоа во текот на изминатите две недели, но речиси еден милион остануваат.
Хуманитарните претставници на ОН предупредија дека влијанието на целосна офанзива би било „над катастрофално“, не само за оние во градот, туку и за целиот Појас Газа.
Минатиот месец, Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека околу 60.000 резервисти ќе бидат повикани пред „Операцијата Гидеонови кочии II“ – следната фаза од копнената офанзива што ја започнаа во мај и со која ја презедоа контролата врз најмалку 75% од Газа.
Исто така, ја продолжија службата на 20.000 резервисти кои веќе беа мобилизирани.
Во вторник, израелски воен претставник изјави дека илјадници почнале да се пријавуваат на должност.
Израелските медиуми објавија дека многу од резервистите ќе бидат распоредени на окупираниот Западен Брег и северен Израел за да ослободат активен персонал за офанзивата.
Д. Мишев