Во ажурираните информации од 6 јуни, американскиот тинк-тенк Институт за проучување на војната (ISW) ја цитираше морнарицата на Украина во изјавата дека ги потиснала руските бродови на преку 100 километри од украинскиот брег.
Во извештајот се вели дека украинските поморски сили ја предизвикуваат руската доминација над северозападниот дел на Црното Море и тврдат дека ги спречуваат руските воени бродови да дејствуваат блиску до брегот.
Украинската морнарица на 6 јуни објави дека успеала да потисне група на руската Црноморска флота на повеќе од 100 километри од украинскиот брег, но не прецизираше временска рамка за оваа изјава.
Во извештајот дополнително се наведува дека руските поморски сили последователно морале да ја променат својата тактика во Црното Море и повеќе се потпираат на крајбрежните одбранбени системи Бал и Бастион во окупираните Керсон и Крим, наместо на морската воздушна одбрана.
Министерството за одбрана на Обединетото Кралство тврдеше дека руските сили ги зајакнале своите средства за воздушна одбрана на Змиски остров, а украинското Министерство за одбрана објави дека руските сили распоредиле дополнителни баталјони за воздушна одбрана С-300 на Крим.
Вкупно земени, овие извештаи сугерираат дека украинскиот поморски притисок и противбродските проектили – веројатно вклучувајќи ги и оние обезбедени од Обединетото Кралство и други држави, ја принудиле руската групација во северозападното Црно Море повеќе да се потпира на крајбрежната и противвоздушната одбрана бидејќи тие се оттурнати од украинскиот брег. Украина најверојатно ќе се обиде да ги искористи овие успеси за да го ублажи економскиот притисок од руската блокада на пристаништата во Украина и да побара дополнителна економска поддршка од западот, вклучително и евентуално отворање нови патишта за меѓународна помош за Украина.
Подготви: Д.Мишев