Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека Иран не се согласил на инспекции на својата нуклеарна програма или на откажување од збогатување на ураниум.
Тој им рече на новинарите во петокот на авионот „Ер Форс Уан“ дека верува оти нуклеарната програма на Техеран е „трајно запрена“, иако призна дека Иран би можел да ја рестартира на друга локација, пренесе Ал Џазира.
Трамп рече дека ќе разговара за Иран со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кога ќе ја посети Белата куќа во понеделник, каде што се очекува потенцијално примирје во Газа да биде главна тема на агендата.
Според Ал Џазира, додека патувал за Њу Џерси по прославата на Денот на независноста во Белата куќа, тој изјавил „мислам дека ќе мора да почнат на друга локација. А ако започнат, тоа би било проблем“.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во петокот соопшти дека ги повлекла своите инспектори од Иран, бидејќи се продлабочува застојот околу нивното враќање во нуклеарните постројки на земјата кои беа бомбардирани од САД и Израел.
САД и Израел велат дека Иран збогатува ураниум за да изгради нуклеарно оружје. Техеран негира дека сака да произведе нуклеарна бомба, повторувајќи со години дека неговата нуклеарна програма е само за цивилна употреба. Ниту американската разузнавачка служба, ниту шефот на нуклеарното надзорно тело на ОН, Рафаел Гроси, не рекоа дека пронашле некаков доказ дека Техеран гради нуклеарно оружје.
Д. Т.