Институтот за воени студии (ISW) објави специјален извештај за заканите на рускиот претседател Владимир Путин со нуклеарно оружје и руската анексија на четири украински региони.
Се наведува дека со припојувањето на овие региони, рускиот претседател најверојатно има намера да ја замрзне воената ситуација долж сегашните линии на фронтот со цел да добие време за спроведување на мобилизацијата и обновување на руските сили.
За време на неговиот говор за анексијата, Путин направи неколку општи референци за употребата на нуклеарно оружје кои се согласно неговите минати изјави, избегнувајќи директни закани. Тој алудираше на подготвеноста на Русија да ги искористи „сите расположливи средства за одбрана на руската територија на која има право“.
Путин всушност се обидува преку анексија и закана со нуклеарно оружје да го принуди Киев на преговарачка маса, пишува ISW.
Го повикуваме украинскиот режим веднаш да ги прекине непријателствата и војната што ја започна во 2014 година и да се врати на преговарачка маса. Подготвени сме за тоа и тоа го кажавме неколку пати. Но, нема да преговараме за одлуката на народот во Доњецк, Луганск, Запорижја и Херсон. Тие го избраа тоа и Русија нема да ги предаде, изјави вчера Путин.
Дали Путин ќе употреби нуклеарно оружје?
Повикот на Путин за преговори и имплицитните нуклеарни закани се насочени и кон Украина и кон Западот. Веројатно мисли дека поради неговите закани Западот ќе ја принуди Украина да преговара. Сепак, Украина и нејзините сојузници јасно ставија до знаење дека нема да прифатат преговори под закана со оружје и дека Украина нема да се откаже од своите територијални права.
Институтот наведува дека е под знак прашалник дали Путин навистина ќе употреби нуклеарно оружје бидејќи неговата „црвена линија“ веќе во неколку наврати е помината. Прекуграничните напади на Украина врз Белгородската област и Крим веројатно ги исполнуваат условите за употреба на нуклеарни боеви глави во случај на „агресија врз Руската Федерација со употреба на конвенционално оружје кога е во опасност самото постоење на државата“.
Путин започна две главни тактики со кои ќе се обиде да ги постигне своите цели: делумна мобилизација за замена на руските загуби и енергичен притисок врз Европа со цел да ја дестабилизира европската поддршка за Украина. Сепак, тешко дека неговата идеја ќе има ефект. Имено, испраќањето на илјадници необучени и немотивирани Руси во војна нема многу да ја промени ситуацијата на фронтот, а лидерите на европските земји не се поколебаа во поддршката за Украина и покрај тоа што Европа ја чека студена и тешка зима.
Ако овие тактики не успеат, Путин може да употреби повеќетактичко нуклеарно оружје во Украина. Можеби ќе изврши нуклеарен терористички напад врз еден или повеќе главни украински населени центри или критичната инфраструктура, со надеж дека ќе ги шокира Украина и Западот. Сепак, малку е веројатно дека таквиот потег ќе ја принуди Украина да се предаде.
Големо коцкање за Русија
Затоа, многу е поверојатно дека Путин ќе употреби нуклеарно оружје за да ја промени оперативно-воената ситуација, ако воопшто го употреби. ISW проценува дека Путин има две главни тактички мерки за употреба на нуклеарно оружје: да ги нападне клучните украински копнени комуникациски линии и командни центри и/или да ги нападне главните украински сили.
За да го направи тоа, рускиот претседател најверојатно ќе треба да употреби неколку тактичко нуклеарни оружја низ Украина за да постигне значителен ефект и да ја ослабне украинската контраофанзива. Но, тогаш би следела реакција на Западот и дополнителни санкции, кои воопшто не би му одговарале на Путин.
Всушност, употребата на нуклеарно оружје е огромно коцкање за Русија, се вели во извештајот на ISW. Во најдобар случај, тоа ќе ја замрзне линијата на фронтот и ќе му овозможи на Кремљ да ја зачува моментно окупираната територија во Украина. Но НАТО тогаш би можел да одговори со конвенционални напади врз руски позиции. Руската употреба на повеќекратно оружје (што би било неопходно за да се постигнат одлучувачки оперативни ефекти) само ќе ја зголеми веројатноста и опсегот на конвенционален одговор на Западот.
Колку што Путин е поубеден дека употребата на нуклеарно оружје нема да ги постигне посакуваните ефекти, туку наместо тоа да привлече директна западна конвенционална воена интервенција во конфликтот, толку е помала веројатноста дека ќе изврши нуклеарен напад.