Во текот на вчерашниот ден се одржала ненајавена средба меѓу власта и опозицијата за статусот на Специјалното јавно обвинителство, каде дури се лиферува дека учествувале и самите лидери, Зоран Заев и Христијан Мицковски.
Средбата која првично беше најавена за денеска од страна на премиерот Зоран Заев, завршила со мал напредок, но без конкретен успех, особено во однос на главните точки за кои партиите не се согласуваат.
Партиски извори тврдат дека Заев и Мицкоски биле придружени од министерката Рената Дескоска и адвокатот Тони Менкиковски како претставници на двете најголеми партии.
Од Министерството за правда испратија кратко соопштение каде ја потврдија средбата, но без детали за учесниците и точките за кои е постигнат напредок.
„Со оглед на тоа што клучните разлики остануваат, двете страни се согласија консултациите за законот да продолжат. За крај, уште еднаш потенцираме дека сите политички партии треба да дадат приоритет на европската перспектива на нашата држава, земајќи ги предвид препораките на Европската Унија и меѓународната заедница кои се однесуваат на владеење на правото и правната држава, а кои се клучни за отпочнување на преговори со Европската Унија”, се вели во соопштението на Министерството за правда.
Неофицијално партиите се уште се на старите ставови околу употребата на аудио материјалите во постапките отворени од СЈО. Власта попушта тие да не се употребат како докази туку само како индиции за постапките отворени после Јуни 2017 година, а пак опозицијата инсистира овие предмети да се запрат и воопшто да не се процесираат.
Околу идниот статус на СЈО, власта и опозицијата се уште се борат за независност и “оддел во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција”.
Вчера премиерот Зоран Заев тврдеше дека е постигнат мал напредок и дел од амандманите на опозицијата кои се претежно за етиката на јавните обвинители се прифатени, а претходно Мицкоски беше категоричен дека нема ни напредок ниту надеж за постигнување договор.
А. Зеќири