„Една од карактеристиките за која може слободно да кажеме дека и овој изборен процес тапка во место, е токму говорот на омраза, кој понатаму е поврзан со црната кампања, којашто предничи како и на претходните изборни процеси“, рече Маја Ивановска од ЦИВИЛ на конференцијата „Какви избори, таква иднина“.
Ивановска осврнувајќи се на предизборните кампањи коишто ги водат кандидатите за претседател на Република Северна Македонија, зборуваше за говорот на омраза, црната кампања и лажните вести кои се повеќе земаат замав во периодот пред изборите.
„Сигурна сум дека јавноста повеќе е запознаена со негативните страни на кандидатите, отколку со нивните реални предизборни програми. Па така, на секој чекор, на секој митинг, на секоја трибина или јавна средба со граѓаните повеќе време се издвојува за тоа како повеќе да се оцрни противкандидатот, отколку да се зборува за тоа кои се надлежностите на идниот претседател на државата и што тој или таа планира да спроведе во текот на својот мандат“, вели Ивановска.
Во однос на лажните вести, Ивановска зборуваше за антимигрантската хистерија, која повторно се актуализира за време на изборите, повторувајќи го ставот на организацијата дека за говорот на омраза, црната кампања и лажните вести нема место во општество кое претендира да напредува кон Европската Унија и НАТО.
Камера: Трпе Стојаноски
Монтажа: Биљана Јордановска