„После осум години битка со режимот, надевајќи се дека новите власти ќе го решат мојот случај бидејќи правна пречка не постои, има решенија од Влада, има решенија од судот, и нели ветуваа дека ќе дојде „живот во Македонија“, меѓутоа новиот директор на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, бара мислење од старите режимски потрчковци да ја исправат грешката“, вели за ЦИВИЛ Медиа, Ласте Ивановски, кој пред неколку години бил избркан од Царина, затоа што службеното возило го вратил два часа подоцна.
Ивановски додава дека директорот на Царина бара од луѓето што ја направиле грешката сега да ја исправат. Тој е песимист дека ќе се реши неговиот случај.
„Опстануваме и живееме од воздух. Како велат ‘дојде живот – диши воздух’. Сѐ уште се бориме, притискаме од сите страни, дури и од премиерот имав ветување дека случајот ќе се реши, меѓутоа новиот директор наместо да ги решава неправдите на луѓето, тој ги аминува криминалите на поранешниот режим. Прв потпис на новиот директор беше исплата на оштета од 600 000 евра на една фирма, поради криминалите на претходната гарнитура. Наместо да го испитува тоа, да ги решава нашите неправди каде што луѓе страдаат, тој се занимава со покривање на криминалите на своите претходници и го лаже премиерот дека ќе ја заврши работата. Еве, 5-6 месеца поминаа и сè уште не го решил мојот случај“, истакна Ивановски.
Тој вели дека пред еден месец му кажале дека од Царинската управа биле во Заводот за вработување и дека таму не постојат никакви пречки за да се заврши работата, само требало да добијат мислење од државното правобранителство.
„Тоа мислење го добија од заменик државен Правобранител за подрачјето на Скопје, Емилија Радојкова, која се жалеше на мојата пресуда од 2012 година. Значи таа што се жалеше против мојата пресуда сега треба да ја оправува работата. Малку ми е смешно тоа што го доведуваат новиот директор во заблуда и му даваат насоки да направи некаква спогодба и што сѐ уште не се прави таа спогодба“, потенцира Ивановски.
Тој вели дека доколку за кратко време не се реши неговиот случај, со семејството ќе ја напуштат државата.
„Веќе резервиравме карти за следниот месец, бидејќи нема што да се прави тука. Се боревме против режим, но фактички некои работи остануваат исти. Директорот, покрај тоа што мене ме мафтосува, го лаже и премиерот Зоран Заев, дека ќе биде решен мојот случај“, потенцира тој.
Ивановски се надева дека надлежните од Владата ќе го слушнат и дека конечно ќе сфатат дека со ваквите кадровски решенија нема да се исправат неправдите.
Текст и камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента