Денеска е изборен молк, што значи дека сите активности на политичките партии и кандидати, и нивните активисти и поддржувачи, треба денеска да нѐ остават на раат.
Утре се гласа за градоначалници во 32 општини и град Скопје.
Во текот на изборниот ден имате можност да го искористите вашето право на глас.
Ние во ЦИВИЛ ти стоиме на располагање да ни пријавиш било каков проблем со кој се соочуваш лично или ако си сведок на ситуација што се коси со твоето разбирање на демократските стандарди.
Еве неколку примери за проблеми што може да ги забележиш утре:
- Проблеми со фингерпринт апаратот
- Лица во близина на избирачките места што евидентираат, агитираат или вршат притисок
- Се нудат пари, вработувања или разни услуги
- На Избирачкиот список има починати лица
- Непрофесионално, нељубезно или пристрасно работење на Избирачкиот одбор
- Непристапни избирачки места
- Семејно или групно гласање
Поточно, сѐ што мислиш дека не е како што треба – сакаме да слушнеме.
Сакаме да знаеме каква е атмосферата во твојата општина, во твоето маало.
Дали се чувствуваш слободно и безбедно?
Сето тоа е важно.
Затоа, остани во контакт. Ти посакувам убав и спокоен ден.












