По синоќешниот ТВ дуел помеѓу Зоран Заев – СДСМ, и Христијан Мицкоски -ВМРО ДПМНЕ, кандидатот на ДУИ за премиер, поранешниот пратеник Насер Зибери ги повика Заев и Мицкоски на ТВ дуел.
„Граѓаните заслужуваат демократска дебата за идеите и иднината на земјата. Сега е време да ги презентираме нашите програми, нашите идеи, нашите визии, нашите концепти пред граѓаните на Северна Македонија“, посочи Зибери.
„Затоа, би сакал да ја искористам оваа можност да ги поканам двајцата мои конкуренти за премиерската функција на ТВ дуел. ТВ дуелите меѓу кандидатите за премиер се важен сегмент во демократските држави насекаде низ светот. Уште еднаш им се обраќам и на господинот Заев и на господинот Мицкоски, да ја прифатат оваа испружена рака да организираме дебата на независните и неутрални медиуми, да имаме телевизиска дебата и да ги информирате нашите граѓани за нашите погледи, визии и идеи, а со цел да им биде полесно на граѓаните да донесат одлука на денот на изборите“, изјави Зибери.
Кон повикот денеска се придружи и портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, апелирајќи за рамноправното покривање на медиумите на сите партии и за „еднаков третман на сите кандидати за премиер“.
„Граѓаните имаат право да ги видат тројцата кандидати за премиер на ТВ дебата, па затоа ја повикуваме Агенцијата за медиуми да обезбеди демократски и еднакви стандарди.
Понудата за граѓаните со нова можност, трета опција, е несомнено важен чекор во напредокот и развојот на демократијата, поради што ги повикуваме Мицковски и Заев да излезат на јавна дебата, каде ќе можат сите тројца кандидати да ги претстават и да ги соочат нивните идеи за иднината на нашата земја“, потенцираше Османи.
Кандидатот на ДУИ за премиер Насер Зибери изјави дека негова заложба во првите 100 дена како премиер Албанец ќе биде да работи на подобрување на иднината на младите и на воведување на задолжителни часови по албански јазик од 5-то одделение.
„Мојата заложба во текот на првите 100 дена како премиер Албанец предвидува исто така и подобрување на иднината на нашите млади. Ќе го направиме задолжително предучилишното образование и ќе обезбедиме градинки во секоја општина“, рече Зибери при денешната средба со наставничкиот кадар во дворот на училиштето „Хасан Приштина“ во Чаир.
За само две и пол години поставивме силна основа за раст. Горд сум на успесите, но и свесен дека не се ни приближно до тоа што треба да се оствари во идниот период. Сега е време за чист мандат и фокус на економијата, правосудството, реформите, истакна генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој на денешната заедничка прес-конференција со генералниот секретар на БЕСА, Арјанит Хоџа истакна дека има уште многу работа за намалување на невработеноста, поддршка за стопанството, носење инвестиции, јакнење на здравствениот систем за целиот тамошен персонал да може подобро и помирно да живее.
„Измина првата недела од изборната кампања и граѓаните имаа многу убава можност да ја видат разликата меѓу концептот и програмата на СДСМ и коалицијата „Можеме“, и она што не може да се нарече концепт, туку обична пропаганда од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните од една страна имаат понуда од нас. За само две и пол години, да потенцирам повторно – за две и пол години, направен е голем прогрес! Никој веќе не зборува ниту за НАТО, ниту за ЕУ. Таму сме, го остваривме 30-годишниот сон да сме членка на најсилното светско друштво, да ни се отворат вратите кои отсекогаш биле затворени за нас“, рече Николовски.
Гордана Силјаноска Давкова носител во Изборната единица 1 од ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје оствари средба со млади и студенти при што истакна дека одличните студенти ќе бидат ослободени од плаќање за магистерски студии, додека пак тие кои имаат просек 8 ќе бидат ослободени од докторски студии.
„Во пониските степени од 2001 година не сме ги менувале курикулумите. Сега до тоа ќе дојде ми се допаѓа дека ќе се вратат стручните училишта, математичките гиимназии, професионалната ориентација. Ако има исклучително талентирани ученици ќе се пренасочуваат во посебни паралелки, а нема да се упросеќуваат и секој во една област да најде своја перспектива, а не каде до сега како енциклопедии се да учат“, изјави Силјаноска Давкова, на вчерашната средба.
Таа потенцираше дека владата која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбедува работа за најдобрите 500 студенти од државните универзитети, како и дека ќе издвои 40 милиони евра за подобрување на студентските домови и животот на студентите во нив. Притоа посочи и дека студентите мора да се чувствуваат како вистински академски граѓани и затоа со над 10 милиони евра ќе бидат издвоени за стипендирање на студентите.
Генералниот секретар на ДПА и шеф на Централниот изборен штаб Сали Ајдини оствари средба со претставници на мисијата ОБСЕ-ОДИХР во Република Северна Македонија, соопштија од партијата. Мисијата на ОДИХР ја следи предизборната кампања.
-На средбата се разговараше за текот на на кампањата, регулативите и прогнозите. Од состанокот заклучуваме дека приоритет е да се почитуваат препораките на здравствените институции и изборите да бидат слободни и демократски, потенцираат од Демократската партија на Албанците во соопштението до јавноста.