Изгаснат пожарот кој попладнево избувна во старата административна зграда на поранешната фабрика за леб „Жито Битола“, извести МИА.
Девет пожарникарски возила со 27 пожарникари успешно се справија со пламените јазици кои во целост ја уништија кровната конструкција во пожарот кој почна во 17.20 часот.
По регистрирањето на пожарот во Битола беа мобилизирани Територијалната противпожарна единица, службени лица на СВР-Битола, а на терен присуствуваше и градоначалникот Тони Коњановски со цел координација и обезбедување на дополнителни информации.
Во пожарот нема повредени лица, а превентивно во текот на ноќта пред опожарениот објект ќе дежураат екипи на Територијалната противпожарна единица и сообраќајна полиција.
Причините и последиците од пожарот во поранешната фабрика „Жито Битола“ ќе бидат истражени, беше посочено вечерва во Битола./ МИА