Над триста рачни изработки, ракотворби работени во декупаж-техника на садови за домаќинство и украсни садови, плетени волнени декоративни чорапчиња и друго, беа дел од изложбата што денеска се одржа во градска уметничка галерија во ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.
Изработките се дело на членките на Клубот на пензионери „Достоинствен живот’’ при Црвен крст на Р. Македонија – Општинската организација Крива Паланка, а изложбата е по повод осмиот роденден на клубот.
– Радост и задоволство е да се биде дел од работата на клубот, кој со многу нешта придонесува за унапредување на целокупната општинска организација и нејзино афирмирање. Дополнотелно, горда сум што можам да се дружам со инспиративни и вредни дами, прекрасни личности-активни и во седмата и осма деценија од животот, рече Снежана Димитријевска, претседател на ОО на Црвен крат.
Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, рече дека се добива впечаток дека изработките ги правеле луѓе со ведар и млад дух, кои имаат вткаено многу љубов, емоции и позитивна енергија. Предложи иницијатива за формирање заеднича работилница со помладите генерации, со внучињата заради учење на вештините и умешноста на нивните баби и мајки, во изработката на вакви уникатни изработки, значајно обележје и карактеристика на овој регион.
– Поканете ги пензионерите од соседните општини од регионот со кој природно сме поврзани, од Србија и Бугарија и покренете заеднички иницијативи за понатамошни ваши дружења и идни вакви креативни активности, а сето тоа ќе остане како траен белег на времето во кое живееме и твориме. Општината секогаш ќе ги препознае, поддржува и ќе помага во унапредување и проширување на ваквите активности, рече Мицевски.
Благодарници за придонес во развојот на клубот добија Рушка Митовска, координатор на клубот и Жаклина Цветковска, поранешен претседател на ОО Црвен крст Крива Паланка, иницијатор за формирање на јадрото на клубот „Достоинствен живот”.
[divide]
извор: МИА