Израелските сили уништија висока кула во густо населен дел од градот Газа и предупредија на понатамошни напади врз повеќекатните згради, додека ја интензивираат својата кампања за преземање на контролата врз главниот град,објави Ал Џазира.
Во петокот, израелската војска им нареди на луѓето во кулата Муштаха, 12-катна зграда лоцирана на западната страна од градот Газа и опкружена со стотици импровизирани шатори, да се евакуираат, а подоцна ја нападнаа зградата, тврдејќи дека станува збор за „инфраструктура на Хамас“ и дека се користела за планирање и спроведување операции против израелските сили.
Известувајќи од Деир ел-Балах во централна Газа, Хинд Кудари од Ал Џезира рече дека зградата е една од најголемите висококатници во срцето на градот Газа.
„Израелските сили ја погодија со два воздушни напади – првиот беше предупредувачки, а потоа беше повторно погодена со уште еден напад со Ф-16“, рече таа.
Управата на кулата Муштаха ги негираше израелските тврдења дека висококатницата ја користат борците на Хамас, според Ал Џезира Арапски. Управата на зградата рече дека локацијата е достапна само за раселени лица.
Тарек Абу Азум од Ал Џезира, исто така известувајќи од Деир ел-Балах, рече дека голем број цивили биле ранети во израелскиот напад врз 12-катната кула и биле префрлени во болницата Ал-Шифа за да добијат итна медицинска помош.
„Шок-бранот од нападот се проширил низ целата област, предизвикувајќи хаос. Голем број импровизирани шатори биле погодени од нападот, што сигнализира нова фаза од израелската воена кампања“, рече тој.
Пред нападот врз кулата, израелскиот министер за одбрана Израел Кац на „X“ напиша дека воената активноста на Израел во Газа се интензивира. Тој рече дека „портите на пеколот се отвораат сега“ во Газа и предупреди дека тие нема да бидат затворени сè додека Хамас „не ги прифати условите на Израел за завршување на војната – предводени од ослободување на сите заложници и разоружување“.
Д. Т.