Израел ја отфрли изјавата на Хамас дека вооружената група е подготвена за „сеопфатен договор“ за завршување на војната во Газа и ослободување на сите нејзини заложници, пренесува Би-би-си.
„Ова е уште еден спин од Хамас што не носи ништо ново,“ се вели во соопштението од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Се инсистира дека војната ќе заврши само откако ќе бидат ослободени 48-те заложници – од кои 20 се верува дека се живи – Хамас ќе биде разоружан, Газа демилитаризирана, Израел ќе има безбедносна контрола и ќе биде воспоставена „алтернативна цивилна администрација“.
Хамас го повтори повикот за договор кој би предвидел размена на заложници за палестински затвореници, повлекување на израелските сили, повторно отворање на граничните премини и почеток на реконструкцијата.
Групата исто така соопшти дека се согласува со формирање администрација управувана од независни технократи за управување со Газа по војната.
Изјавата беше објавена во вторник навечер, неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп напиша на социјалните мрежи: „Кажете му на Хамас ВЕДНАШ да ги врати сите 20 заложници (не 2, или 5, или 7!), и работите брзо ќе се сменат. ЌЕ ЗАВРШИ!“
Д. Мишев