Израел продолжи да врши воздушни напади во Газа, неколку часа откако Хамас соопшти дека е подготвен „веднаш“ да започне разговори за предлогот спонзориран од САД за 60-дневен прекин на огнот, јавува Гардијан.
Објавата на милитантната исламистичка организација Хамас,ги зголеми надежите дека може да се постигне договор во рок од неколку дена за запирање на убиствата во Газа и евентуално завршување на речиси 21-месечниот конфликт.
Денес беше релативно „помирно“ по деновите интензивно бомбардирање, изјавија службеници за помош и жители во Газа, иако 24 Палестинци беа убиени, вклучувајќи 10 лица кои бараа хуманитарна помош, според болнички службеници, пишува Гардијан.
Воздушните напади погодија шатори во крајбрежната област Маваси во јужна Газа, при што загинаа седум лица, вклучувајќи палестински лекар и неговите три деца, според медицински лица во блиската болница. Четири други лица беа убиени во градот Бани Сухеила, а три лица беа убиени во три различни напади во градот Кан Јунис.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) не дадоа веднаш коментар за нападите.
Израелскиот кабинет за безбедност требаше да се состане вечерва, но официјални лица во Ерусалим изјавија дека „нема гаранција“ дека министрите ќе донесат одлука за одговорот на Хамас на договорот за прекин на огнот.
Д. Т.