Главните воени команданти на Исламскиот џихад во Газа се неутрализирани во последните два дена во воздушните напади на израелската армија врз вооружената палестинска група, соопшти синоќа израелската армија, пренесува МИА.
„Раководството на военото крило на Исламскиот џихад во Газа е неутрализирано“, рече Одед Басиок, шеф на одделот за воени операции на еврејската држава, во соопштение испратено до АФП, пренесува Хина.
Во израелската операција во Газа, според властите на палестинската енклава, загинале повеќе од 20 лица, меѓу кои шест деца.
Овој нов конфликт меѓу израелската армија и вооружените групи во Газа, кој започна во петокот, е најлош од мај 2021 година. Израелските власти тврдат дека неколку палестински деца загинале синоќа во Џабалија, на север, од залутана ракета истрелана од Исламскиот џихад, а не од војската.
Европската Унија со голема загриженост го следи насилството во Појасот Газа и ги повикува сите страни на максимална воздржаност за да се избегне понатамошна ескалација, изјави Петар Стано, портпаролот на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
„Израел има право да го заштити своето цивилно население, но мора да се направи сè за да се спречи поширок конфликт, кој првенствено ќе влијае на цивилното населени на двете страни и ќе доведе до нови жртви и страдања“, посочи Петер Стано во изјавата.
Тој нагласи дека насилството веќе резултирало со неколку жртви, меѓу кои и едно петгодишно девојче.
Министерството за здравство во Појасот Газа денеска соопшти дека во израелските воздушни напади загинале 13 лица, а 114 се ранети, но не е прецизирано колку цивили има меѓу жртвите.
„Овие последни настани повторно ја нагласуваат потребата од обновување на политичкиот хоризонт“, рече портпаролот.
Израелската армија денеска соопшти дека се подготвува за напади кои ќе ги изведува една недела во Појасот Газа против Исламски џихад.
Како што наведе, 15 борци на таа организација веќе се убиени во воздушни напади, кои почнаа во петокот попладне, во кои, меѓу другото, беа гаѓани и места каде се произведува оружје.
Тоа е најголемиот конфликт меѓу Израел и организациите во Газа од војната во мај 2021 година во која загинаа 260 луѓе на палестинска и 14 на израелска страна.
И Русија денеска објави дека е длабоко загрижена за насилството и жртвите во Појасот Газа.
„Со длабока загриженост го набљудуваме развојот на настаните кои би можеле да доведат до продолжување на воениот конфликт од целосен обем и дополнително да ја влошат и онака тешката хуманитарна ситуација во Газа“, рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, повикувајќи ги сите страни на максимална воздржаност.