По денешното рочиште за случајот „ТНТ“ на СЈО, адвокатот на притворениот екс-министерот Миле Јанакиески, ја оспори службената белешка од УБК со која се тврди дека Јанакиески имал намера да избега, исто како и Никола Груевски, откако претседателот Иванов одбил да го амнестира.
Токму оваа службена белешка е основ за 30 дневниот притвор за Јанакиески.
Адвокатот Бранко Миланов во име на својот клиент истакна дека Јанакиески и Иванов се долгогодишни куќни пријатели кои редовно се посетуваат со години наназад и дека според тоа не им треба посредник за да се видат.
На 13 ноември, Јанакиески лично отишол кај Иванов за да разговараат за документ кој е дистрибуиран кај лидерите на партиите и кај странските амбасади и тој не бил тајна“, рече Миланов.
„Сакам да ги упатам органите на МВР да проверат преку безбедносните камери кај претседателот, дали доаѓал посредник, или Јанакиески лично бил во неговиот кабинет“, додаде тој.
Миланов пренесе уште една порака од Јанакиески: „Ако имам сметка надвор од Македонија, потпишувам веднаш доживотна казна затвор“.
К. С.