Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески се враќа во Шутка, а друштво ќе му прави и ексминистерот за образование, Спиро Ристовски. Судот Скопје 1 го прифати барањето на јавниот обвинител за определување мерка притвор од 30 дена.
Обвинителката Вилма Русковска се сомнева дека и двајцата може да се обидат да избегаат или да влијаат врз сведоци. Јанакиески и Ристовски се меѓу петте осомничени организатори на нападот врз Собранието на 27 април 2017 година. Заедно со нив, осомничени се и Никола Груевски, Никола Бошковски како и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјановски.
Груевски е веќе во Будимпешта под заштита на азилот што експресно му го додели владата на Орбан, како и Бошковски кој е во бегство во Грција, каде што тамошните власти ја уважија одлуката на претседателот Иванов за амнестија.
По апсењето, Трајко Велјановски вечерва се врати дома искористувајќи го пратеничкиот имунитет. Адвокатот Еленко Миланов најави дека особено за притворот на Јанакиески ќе поднесе жалба до Кривичниот суд.
А. Зеќири