„На државата и е потребна Национална стратегија за образование во која ќе се постават принципи за создавање на квалитетен образовен систем во Македонија и ова е една од целите во нашата програма. Тоа ќе биде документ кој ќе го прифатат сите или повеќето политички субјекти и на некој начин ќе биде работна програма за подигнување на квалитетот на образованието. Доколку постигнеме таков консензус, би било добро тој документ да го прифати и Собранието“, изјави новата министерка за образование и наука, Весна Јаневска, во емисијата 360 на МТВ.
Таа посочи дека на самиот почеток детектирала многу проблеми кои мора итно да се надминат. Затоа, како што рече, немаме време да се фокусираме само на еден или неколку елементи, туку повеќе промени ќе се одвиваат паралелно во основното, средното и високото образование, соопштија од МОН.
Во соопштението се истакна дека работа на училиштата во една смена и целодневна настава за учениците е исто така во фокусот на политиките на новата министерка за образование и наука.