Во наредните неколку дена ЦИВИЛ ќе сподели со јавноста осум видео пораки за почитување на различностите, промовирање на мултикултурализмот и европските вредности кои се дел од иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика, почитувај ги различностите“ за промовирање на различностите, мултикултурализмот и европските вредности. Проектот е продолжение на минатогодишната извонредно успешна иницијатива Обединети во различноста.
Музичарката и активистка Кристина Арнаудова, актерот Перо Арсовски, пчеларката Атиџе Муратова, музичарот Џамбо Агушев, активистката Рита Бехадини, уметникот Агим Пошка и пијанистката Дуња Ивановска, секој на свој начин, преку видео ќе им се обратат на граѓанките и граѓаните со своите пораки за почитување на различностите, вреднување на мултикултурализмот и промовирање на европските вредности.
Проектот има цел да ги ублажи разорните последици од етничката омраза и антизападните кампањи, преку кампања за јакнење на јавната свест, медиумска продукција и настани што ќе се фокусираат на позитивните пораки за мултикултурализмот и европските вредности.
Оваа иницијатива е одлична можност да научиме едни за други и да зборуваме за убавината на различностите. Тоа ќе им даде глас на мнозинството луѓе кои ги прифаќаат европските вредности и македонската иднина во ЕУ.
Во проектот учествуваат видни јавни личности, креатори на јавното мислење, политичари, интелектуалци, граѓанки и граѓани.
Како и секогаш, ЦИВИЛ останува отворен и ги поздравува сите прилози со прашања, коментари, написи, фотографии и видеа во контекст на различностите.
Да направиме разлика и да ги почитуваме различностите! Да работиме за мир и просперитет, а истовремено, да уживаме во богатството на нашите различни култури, традиции и јазици.
Проектот се спроведува во соработка со Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург.