Здружението Млади eвропски федералисти (ЏЕФ Македонија) во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт“ и ЏЕФ Европа, организираат панел-дискусија на тема: „Европа под притисок: Стеснување на граѓанскиот простор и како истиот се врати на граѓаните”.
Настанот ќе се одржи на 25-ти февруари (сабота), со почеток од 17 часот, во хотелот „Елит Плаза“, како дел од паневропската кампања #OurEurope2017.
На темата ќе говорат: Тања Хафнер-Адеми, експертка за развој на граѓанско општество, Илина Нешиќ, ВД извршна директорка на Балканска мрежа за развој на граѓанското општество, Kристофер Глук, претседател на ЏЕФ Европа и Сања Богатиновска, претседателка на ЏЕФ Македонија.
Неодамна, на 14-ти февруари, на тема „Стеснување на просторот за дејствување на граѓанското општество“, панел-дискусија организираше Фондацијата „Хајнрих Бел“– Канцеларијата во Сараево во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода.
На настанот беше презентирана публикацијата „Shrinking Spaces in the Western Balkans“ („Стеснување на просторот на Западниот Балкан“). Директорката на сараевската Канцеларија на Фондацијата „Хајнрих Бел“, госпоѓа Марион Краске, го отвори настанот, осврнувајќи се на темите кои се опфатени во публикацијата.
На панел-дискусијата „Стеснување на просторот за дејствување на граѓанското општество“, која следеше по презентацијата на публикацијата, учествуваа професорот Нано Ружин, и активистите Никола Наумоски, Славчо Димитров и Џабир Дерала, а модератор беше новинарката Моника Талеска.
ЦИВИЛ – Центар за слобода е единствена невладина организација од Македонија, во редот на педесеттина невладини организации и фондации во светот, којашто е потписник на „Граѓанската повелба“, презентирана на настанот – документ и глобална рамка за правата на граѓан(к)ите за нивно учество во обликување на општеството.