Стручниот колегиум на јавните обвинители во Јавното обвинителство на РСМ вчера одлучиле да ги преземат предметите од СЈО. Одлуката доаѓа, откако Катица Јанева од притвор испрати полномоштво до СЈО за предметите да може да се предадат на државното обвинителство.
„Јавното обвинителство на РСМ зазеде став да ги преземе во надлежност и натамошно постапување предметите кои ќе му бидат предадени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Ваквиот став е заснован на уставната положба на Јавното обвинителство како единствен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела, начелото на легалитет на кривичното гонење, според кое јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење, ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, како и обврската во име на општеството да се грижи за ефикасноста на кривично – правниот систем, почитувајќи го принципот на правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото.
Постапките по конкретните предмети ќе продолжат во надлежните јавни обвинителства“, соопштуваат од ЈО.
Д.М.