„За плати ќе има 5,5 милијарди денари од кои две милијарди ќе одат за основно и средно образование, а останатите 3,5 милијарди се за зголемување и на останатите плати, а најверојатно и за зголемување на минималецот. Фондот за здравство ќе има 5,2 милијарди денари, а во март ќе има зголемување на пензиите за 2.500 денари“, изјави министерката Димитриеска Кочоска и додаде дека кон ПИОМ ќе се префрлат околу 24 милијарди денари, пренесе Глас на Америка вчера.
Висока проекција за капитални инвестиции има и во 2025 година и тие изнесуваат над 800 милиони евра.
„Ако го гледаме она што Министерството за финансии директно може да го контролира, државниот долг нема да ги надмине 60-те проценти. Во однос на јавниот долг, се ќе зависи од тоа какви информации ќе добиеме и од јавните претпријатија во однос на нивната реализација. Вкупно 500 милиони евра е еврообврзницата во јануари, ги обезбедуваме средствата, ќе ја рефинансираме, плус тековни околу две милијарди, но има и државни хартии од вредност кои не влегуваат во Буџетот“, кажа Димитриеска Кочоска и нагласи дека од оваа ставка за капитални инвестиции не може да се крати, зашто најмногу средства се предвидени од кредити.
Министерката Кочоска е децидна дека државниот долг нема да надмине 60 проценти од БДП а јавниот долг ќе зависи и од јавните претпријатија.
Растот за идната година е проектиран на 3,7 отсто наспроти предвидувањата на Светска банка од 2,5 проценти.
Според Светска банка, Северна Македонија ќе ја заврши 2024 година со раст од само 1,8 отсто наместо проектираните 2,5 отсто напролет. Намалувањето се должи на нереализираните проекти во Коридорите 8 и 10Д, како и проблемите во енергетиката.