Антикорупција
Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница одби седум од девет приговори поднесени од ВМРО – ДПМНЕ за прекршување на Изборниот законик и Законот за корупција и судир на интереси, од распишувањето на претседатеските избори.
За приговорот во однос на злоупотреба на имот во сопственост на Општина Шуто Оризари за одржување прес-конференција од страна на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, ДКСК побара дополнителни информации од локалната самоуправа за сопственоста на објектот, за кој овластените претставници од Шуто Оризари на седницата тврдеа дека посочениот објект односно салата во која е одржана прес-конференцијата во приговорот не е во сопственост на Општината.
Останатите приговори што се одбиени се однесуваа на објавениот повик за субвенции од страна на Град Скопје за велосипеди по принципот прв пријавен прв услужен, објавениот оглас за набавка на современи уреди за затоплување – инвертери од Град Скопје, во насока за заштита на животната средина, објавен оглас за вработување на 116 сезонски работници од страна на АД „Водостопанство“ за реконструкција на дел од ул. „Јуриј Гагарин“ во Општина Карпош, за доделување 150 пакети со храна и основни животни намирници на семејства со висок социјален ризик од страна на Општина Центар, како приговорот за владиниот повик за финансиска поддршка на Здруженија и фондации за нивните програмски активности, со вкупно грант од 12 милиони денари.
ДИК
Хелсиншкиот Комитет за човекови права подготви правно мислење за одредбите со кои законот ги регулира правата и обврските на медиумите кои се заинтересирани да се вклучат во медиумското претставување на кандидатите што учествуваат на избори и како соодветно да го спроведат медиумското претставување на балансиран и фер начин.
Анализата што ја подготви Хелсиншки комитет, со барање ДИК итно да даде јасни појаснувања и препораки за медиумското претставување на изборите, се однесува на сознанијата дека неколку радиодифузери и медиуми поради несоодветна примена на одредби од Изборниот Законик нема да бидат во можност да се вклучат во медиумското претставување на кандидатите за Претседател на Република Северна Македонија.
Партиска или претседателска кампања
Не е баш јасно за кого ДУИ води кампања. Од она што може да се забележи од нивните затворени средби, како партија која го поддржува Стево Пендаровски за претседател, нема ниту негова слика, ниту пак името му се спомнува. На бините на митинзите пишува само консензуален кандидат, а наместо ликот на кандидатот во штабовите се гледа ликот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Ахмети е лично присутен и на главните митинзи кои ги одржува оваа партија. Тоа што исто така се забележува е и фактот дека на митинзите на ДУИ за овие избори има значително помал број на присутни во споредба со парламентарните и локалните избори кога се борат за нивни кандидати.
„Какви избори – таква иднина“
Говорничките и говорниците на конференцијата „Какви избори – таква иднина“ што ја организираше ЦИВИЛ, се меѓу најрелевантните луѓе во земјава кога се работи за изборните процеси. Конференцијата беше одлична можност јавноста да се запознае со детали од изборниот мониторинг, како и со анализите и препораките за претстојните претседателски избори. Конференцијата е дел од проектот „Слободни граѓанки и граѓани за слободно општество“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
За различни аспекти на изборниот процес говореа: претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, заменик министерот за администрација, Александар Бајдевски, државниот советник при Народниот правобранител, Зоран Билбиловски, уредникот на „Слободен печат“, Бранко Героски, политичкиот аналитичар, Сашо Орданоски, претседателката на Инклузива, Благица Димитровска, како и Ангела Петровска, Маја Ивановска и Дехран Муратов од Цивил.
Премиерот Зоран Заев со досетки, Стево Пендаровски со решавање на земјоделски проблеми, Река инсистира дека партиите се диктаторски, најверојатно исклучувајќи ги оние што го поддржуваат, а Гордана Силјановска Давкова бара мир во манаситир во битката што ќе придонесе за мултикултурно општество и негирајќи го национализмот.
Вака некако помина вчерашниот ден од претседателската кампања… Гордана Силјановска Давкова, го избра Тетово, за да ја чепне темата за Законот за јазиците, а Гостивар да го пофали дека има пазар кој е пример за тоа како ќе се гради мултикултурно општество. Посета на манастир, како што вели Силјановска, и донела мир за „битка за праведна Македонија“. Пендаровски се прошета во Демир Хисар, Росоман, Градско и секаде порача дека неговите заложби остануваат исти што се однеусва до ЕУ и НАТО, а онаму каде што беше потребно, го оправаше земјоделието ветувајќи убави суми за неговиот развој. Река потсети дека ако изборите успеат, причината ќе биде албанската свест што напредувала низ годините и денес никој не може да ги присили Албанците да гласаат против својата волја.
Б. Јордановска