Мнозинството граѓани на Македонија сакаат земјата да биде членка на НАТО и ЕУ, Јапонија е географски далеку од овој регион, но земјата ги споделува истите вредности и ја охрабрува земјата да продолжи на тој пат во достигнување на тие вредности, преку спроведување на зацртаните реформи.
Ова го порача јапонската амбасадорка во Македонија, Кеико Хенеда во интервјуто за МИА, во кое говореше за досегашната соработка меѓу Македонија и Јапонија, за сличните проблеми со кои се соочуваат двете земји, но и за отворање на можностите за зајакнување на бизнис релациите меѓу државите.
Следната година Македонија и Јапонија ќе прослават 25 години од воспоставувањето на билатералните односи, но Ханеда вели дека тие односи се развивале многу подалеку во минатото.
Во интервјуто за МИА таа говореше и за манифестацијата Денови на јапонскиот филм, која се одржува од 22 до 25 октомври во Скопје.
Амбасадорката Ханеида служела како јапонски дипломат во Израел, САД и Австралија. Таа беше генерален конзул на Јапонија во Мелбурн од 2014 до 2017, пред да биде назначена за амбасадорка на Јапонија во Македонија.
Амбасадорке Ханеда, во Македонија сте повеќе од една година. Вие сте првиот резидентен амбасадор на Јапонија во земјава. Имавте доволно време да се запознаете со приликите и неприликите со кои се соочуваат македонските граѓани. Каква е вашата импресија за Македонија?
Досега посетив многу градови и се сретнав со нивните градоначалници. Ја ценам нивната гостопримливост и информациите кои тие ми ги дадоа за досегашната соработка со Јапонија. Можам да кажам дека соработката со Јапонија е мошне ценета во земјава и многу го ценам ова силно пријателство.
Согледав дека постојат проблеми со намалување на населението, проблеми во економскиот развој, како и во однос кон животната средина. Но исто така забележав дека животот во руралните средини изобилува со историја и традиција и секако со мирниот стил на живеење. Имаме слични проблеми во руралните средини во Јапонија и таму младите луѓе не сакаат да останат, ниту да развиваат свој бизнис. Но сепак сите познати традиционални фестивали, кои се мошне ценети се одржуваат токму во таквите средини.
И Македонија и Јапонија се соочуваат со истиот проблем во однос на развојот на руралните подрачја, а владите и граѓаните треба да сторат се што е во нивна моќ за да направат промени во оваа насока, секако чекор по чекор.
Македонија се соочува со мошне интензивен период, по референдумот за Договорот со Грција и натамошната интеграција во ЕУ и НАТО. Процесот во моментов е во македонското Собрание. Неизвесно е дали уставните измени, кои произлегуваат од Договорот ќе поминат или земјата ќе се соочи со нови избори. Имплементацијата на Договорот од Преспа е предуслов за интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО. Каде ја гледате иднината на земјата?
Мнозинството граѓани сакаат земјата да биде членка на НАТО и ЕУ. Јапонија географски е далеку, ние не сме членки, но Јапонија целосно ги споделува истите вредности, како демократијата, владеењето на правото, почитување на основните човекови права и слободната трговија. Нашата земја има силни врски со двете организации. Општествата на Јапонија и Македонија се базираат на истите вредности, така што и натаму сакаме да ве поддржуваме во вашите напори за спроведување на реформите.
Македонија и Јапонија пред 24 години воспоставија дипломатски односи. Македонската Амбасада во Јапонија е отворена во мај 2013 година, јапонската во Македонија минатиот јануари. Ваша проценка за билатералните односи?
Бројот на јапонските турристи во Македонија од јули 2017 до јуни 2018 година се зголеми за 56 проценти во однос на претходните 12 месеци. Тие уживаат во археолошките наоѓалишта во Стоби и во Битола, во природата и историјата на Охрид, кој е на листата на светското наследство на УНЕСКО, во виното и вашата храна. Ќе ги вложам сите напори да поттикнам повеќе Јапонци да дојдат и да се запознаат со регионот. Исто така покануваме и повеќе македонски туристи да дојдат да ја посетат Јапонија.
Следната година одбележуваме 25 години од воспоставување на нашите дипломатски односи и планираме да реализираме културни настани во земјава, да прославиме заедно. Се надевам дека ќе уживате.
Но, нашите односи одат подалеку од изминатите 24 години. Минатиот месец го посетив Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија и бев поздравена од директорот, со зборовите „Конечно дојдовте тука, доцните“. Институтот беше основан во 1965 година и директорот ми објасни колку се силни односите со Јапонија од неговото формирање. Сметам дека голем придонес за силните односи дадоа Јапонци кои беа тука и помогнаа во реизградбата на Скопје по катастрофалниот земјотрес, како Кензо Танге и професорот Масанори Изуми.
Со големо задоволство се среќавам со луѓето кои студирале во Јапонија и кои сега активно придонесуваат за развојот на општеството. Драго ми е што боречките вештините како џудо, карате и аикидо се мошне популарни тука. Во 2020 година Токио е домаќин на Олимписките и Параолимписките игри и им посакувам упех на македонските тимови и им давам поддршка од се срце.
Јапонската Влада оваа година ја основа Инцијативата за соработка со Западен Балкан. Нашите напори одат во насока на зајакнување на јапонските билатерални односи со секоја земја од регионот, како поддршка на натамошната регионална соработка во области, како заштита од природни катастрофи и заштита на животната средина.
Исто така планираме програма за зајакнување на работата на медиумите и на малите бизниси во регионот. Овој месец каниме млади луѓе од регионот и се надеваме дека тие заедно ќе го подлабочат своето знаење за Јапонија, но исто така ќе се зајакне и меѓусебната соработка. Во декември планираме реализирање на програма во Токио за зајакнување на бизнис релациите меѓу Јапонија и земјите од Западен Балкан.
Помошта на Јапонија за Македонија е евидентна. Јапонија меѓу дргото и додели на Македонија 3.905.000 америкаснки долари помош за време на бегалската криза. Доделени се грантови во сферите на здравството, образованието и развој на локалните заедници, како и кредити за развој на инфраструктурни проекти. На кои проекти сте фокусирани во моментов?
Сега имаме Амбасада и сметам дека е полесно да се слушне гласот на луѓето за да ја подобриме соработката. Истовремено нема да ја заборавиме топлата поддршка што Македонија ни ја даде за време на земјотресот и цунамито во 2011 година, како и големата природна непогода ова лето. Ќе продолжиме да си помагаме едни на други врз основа на добрата волја и пријателството на народите.
Колку јапонските компании се заинтересирани за инвестирање во Македонија. Дали јапонските компании сметаат дека во земјава има поволна клима за развој на нивните бизниси?
Добиваме многу прашања од јапонски компании, интересот се зголемува. Јапонските компании се познати по тоа што бараат партнер, кој ќе остане 20, 30 години и подолго, па понекогаш е потребно време за да се стекне таквата доверба, но сметам дека има големи можности за нив.
Драго ми е што секоја година десет до 20 македонски бизнисмени учествуваат во програмата АОТС, со цел да научат како функционира јапонскиот бизнис. Јас бев поканета на нивната алумни средба во петокот. Повикувам повеќе бизнисмени да учествуваат во оваа програма. Се надевам дека ново партнерство ќе се роди меѓу компаниите кои учествуваат на овој состанок и јапонските компании, бидејќи тоа е целта на програмата.
Во понеделник во Скопје ќе почне манифестацијата Денови на јапонскиот филм. Оваа манифестација се претвори во традиција. Ќе можете ли да ни кажете колку години се одржува оваа манифестација и може ли да ни откриете што ќе има на програмата оваа година?
Се одржува изминатите 12 години и мошне ја ценам сорабоката со Кинотека на Македонија и со Министерството за култура, а сум благодарна и за заинтересираноста. Четири јапонски филмови ќе се прикажуваат од понеделник до четврток. Се надевам дека публиката ќе ужива во филмовите, за момент ќе се исклучи од секојдневните проблеми и ќе ги види убавините на јапонските пејзажи, но и ќе ги согледа сличностите и разликите меѓу македонската и јапонската култура.
Ана Цветковска за МИА
фото – Дарко Попов