Еден ден по објавувањето на извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Кијив денеска предложи формирање меѓународна мисија за комплексот на нуклеарната централа Запорижје и повика населението да се евакуира поради опасност од ескалација на конфликтот меѓу Русите и Украинците.
Предлагаме формирање меѓународна мисија со учество на ЕУ, ОН и други организации. Таа мисија би го олеснила повлекувањето на руската армија од нуклеарката и областа околу неа во радиус од 30 километри, истакна украинскиот премиер Денис Шмигал за време на владиниот состанок.
Тој го изјави ова еден ден по објавувањето на извештајот на МААЕ, за кој Шмигал оцени дека не донел „конкретни резултати“. Во извештајот на агенцијата на ОН се бара формирање „безбедносна зона“ на местото на нуклеарната централа Запорижје, најголемата во Европа, поради „неодржливата“ безбедносна ситуација.
Шефот на украинскиот енергетски оператор Енергоатом, Петро Котин, денеска, исто така, изјави дека мировници на Обединетите нации би можеле да ја обезбедуваат електраната во Запорижје, која е окупирана од Русија, а континуираните напади во областа се закануваат да предизвикаат нуклеарна катастрофа.
Тој посочи дека мировен контингент на ОН би можел да воспостави безбедносна зона во Запорижје и руските војници да се повлечат, јави Би Би Си.