Украина денеска ги повика жителите на областа околу нуклеарната централа Запорижје да се евакуираат заради сопствена безбедност, објавија украинските медиуми.
Апелирам до жителите на областа во близина на нуклеарната централа Запорижје … евакуирајте се! Најдете начин да стигнете до територијата под (украинска) контрола. Ве чекаме и ќе ви помогнеме, напиша украинската вицепремиерка Ирина Верешчук на Телеграм.
Дмитро Орлов, протераниот градоначалник на Енергодар, кој ја опслужува нуклеарната централа, на Телеграм изјави дека градот е под оган од руските сили и електричната енергија е во прекин.
Кијив ја обвинува Москва за гранатирање на нуклеарната централа Запорожје, најголемата нуклеарка во Европа. Москва го негира тоа и тврди дека токму украинските сили ја загрозуваат безбедноста на нуклеарката.