Комисијата за заразни болести, со цел намалување на растот на новозаболени од Корона, вчера и предложи на Владата да донесе одлука за забрана за гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, за ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и за намалување на бројот на луѓе кои може да седат на една маса во угостителски објект од сега дозволените 12 на четири.
Покрај ова ќе се инсистира на стриктно почитување на точка 3 од Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и од Протоколот за отворање и работа на кафетериите, со која не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.
Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната.
Филипче оцени дека ваквите мерки се апсолутно оправдани и дека сега е добар период кога треба да се имплементираат.
Според податоците од Министерството за здравство, во деноноќието меѓу саботата и неделата се направени 1 350 тестирања и регистрирани се 191 нови случаи на КОВИД-19, со што вкупната бројка на активни случаи во нашата земја изнесува 2 693, откако во петокот беа регистрирани 225, а во саботата рекордни 243 нови случаи.
Поради непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, пред две вечери бил приведен и управителот на барот „Мош“. Конкретно, лицето организирало музички настан – концерт каде што помеѓу гостите не се почитувало дозволеното растојание од 1,5 до 2 метри и повеќето лица не носеле заштитни маски на лицето, и не биле исполнети и други одредби од пропишаните здравствени протоколи.
Поради ваквите појави министерот за здравство посочи дека една од можните мерки, понатаму е и ограничување на работа на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз, како и мерката за носење маски на отворено.











			
