Жените се моќни агенти на промените, а далекусежните придобивки од различностите и родовата еднаквост во лидерството и одлучувањето сè повеќе се препознаваат во сите сфери во општественото живеење. Потребно е да имаме повеќе жени на лидерските позиции, бидејќи единствен начин за постигнување на вистински просперитет во општеството е преку родовата еднаквост меѓу мажите и жените.
Ова беше посочено денеска на вториот ден од Втората меѓународна конференција „Жените во надворешната политика“, што ја организираше Министерството за надворешни работи, под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски.
Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, соработката е прв чекор кон создавање на услови за унапредување на состојбите во која било сфера од нашето живеење.
– Јас сум силно убедена дека во овие сложени времиња, вложувањето во родовата еднаквост како и унапредувањето на женското лидерство, ќе придонесе кон одговорни инклузивни политики, кои ќе ги адресираат и решаваат проблемите и ќе го подигнат нивото на социјалната заштита, рече министерката во своето обраќање на конференцијата.
Таа додаде дека како земја кандидат за членството во Европската Унија, но и како активна членка на Советот на Европа, Северна Македонија ги дели заложбите за обезбедување соодветно ниво на социјална заштита, особено за најранливите групи граѓани.
– Ковид пандемија покрај опасноста врз здравствениот систем и здравјето на луѓето, донесе и зголемување на семејното и родово базираното насилство. Токму затоа, фокус ставаме на борбата против родово базираното насилство, како и семејното насилство, преку унапредување на механизмите за заштита и превенција. Насилството врз жените и семејното насилство не може да се смета за приватна работа, додаде Тренчевска.
Министерката потенцираше дека државата преку сеопфатни интегрирани политики одлучно се посветува на превенцијата и заштитата на жртвите на родово базирано насилство на жените и девојчиња.
– Свесни сме дека за да се избориме и да ги заштитиме сите, потребни се уште повеќе напори, но и партнерство и соработка, бидејќи ова не е само национален проблем, ова е глобален проблем. Жените се моќни агенти на промените, а далекусежните придобивки од различностите и родовата еднаквост во лидерството и одлучувањето се повеќе се препознаваат во сите сфери во општественото живеење, рече министерката.
Родовата еднаквост во државата, како што потенцираше таа, претставува законска обврска и е дел од програмата на Владата за периодот 2020/24 година.
Тренчевска информираше дека Северна Македонија е меѓу земјите кои имаат највисок процент на учество на жените на кандидатските изборни листи – 40 отсто, а се работи на постигнување 50 проценти.
Предизвик на кој што работат во моментов, како што додаде таа, е застапеноста на жените како градоначалнички и жените во извршната власт.
Таа потсети дека е донесена и Стратегија за родова еднаквост 2022/27 година и се подготвува акциски план со двегодишни приоритети.
Визијата на стратегијата, како што рече, е постигнување родова еднаквост во општеството, во кое жените и мажите, девојчињата и момчињата, имаат еднакви права, пристап до ресурси, можности и заштита во сите сфери на животот, како услов за целокупен и одржлив економски демографски социјален развој и напредок на земјата.
Првата дама Елизабета Ѓоргиевска во своето видео обраќање на конференцијата рече дека учеството на жените во политиката и безбедноста е препознаено како човеково право, неопходно за глобалниот напредок.
– Последните две децении беа одбележани во напорите да се подобрат нормативната работа и политиките за подобра еднаквост, што доведе до подобрување на положбата на жените и до унапредување на родовата еднаквост. Но, родовите нееднаквости и понатаму се изразени во сите релевантни области за постигнување еднаков социјален статус, влијание, благосостојба на жените и мажите, рече Ѓоргиевска.
Таа додаде дека покрај товарот од извршувањето на професионалните обврски, жените ги имаат и обврските во домот, а тоа е второто неплатено работно место што го има секоја жена.
– Кризата во Украина уште еднаш ни потврди дека жените и мажите се различно засегнати од конфликтите. Украинките жени се соочуваат со бариери во нивното економско, граѓанско и политичко учество, имаат лоши здравствени услови и се изложени на насилство. За да можеме да говориме за родова еднаквост, потребни се дополнителни чекори и мерки. За постигнување на родовата еднаквост, потребно е ефективно вградување на родовите перспективи во сите општествени текови, политики и практики, рече Ѓоргиевска.
Како што потенцираше таа, единствен начин за постигнување вистински просперитет во општеството е преку еднаквост меѓу мажите и жените во сите сфери на јавниот и приватниот живот.
Заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаки напомена дека мултилатерален систем е клучен за постигање на родова еднаквост и за намалување на јазот за женските права.
– Треба да ги употребиме мултилатералните организации, без разлика дали се регионални или глобални, како можност да направиме голема промена во промоцијата и спроведувањето на женските права на највисоко можно ниво, додаде Исаки на денешната конференција.